Нема универзален лек за третман на пациентите заразени со ковид-19, бидејќи болеста се манифестира во различни форми, вели министерот за здравство Венко Филипче.
„Нема еден универзален пристап во лекувањето зашто болеста ковид-19 има многу различни манифестации од најлесна, па дури и гастроинтестинални тегоби, преку лесна форма на настинка, средна форма кога е компромитирано сериозно дишењето и најтешка форма кога се пациентите зависни од респираторна машина. Се прават комбинации на лекови заради тоа што страдаат повеќе органи“,
рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој објасни дека лекувањето го дефинираат лекарите при третманот врз основа на многу анализи – крвни, рендгенски снимки на бели дробови, ехо снимки…
„Сето тоа се прави секојдневно и бара и секојдневен увид во евентуално додавање, одземање, менување на дозите на различна терапија“,
рече Филипче и додаде дека досега никаде во светот не е утврдена универзална форма за лекување за овие пациенти.