Пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи, во изјава за ТВ 24 порачува дека Алтернатива не влегла во Владата заради власт, туку заради исполнување на стратешките цели – евроинтеграциите и ревизија на, како што вели, монтираните случаи.
Доколку нема конкретна реализација, според неговата изјава, нема поента за Алтернатива да остане во Владата.
„Во случај да имаме изјава од ЕУ дека нема да има воопшто почеток на преговори без договор со Бугарија, верувајте дека таа одлука треба да се преиспитува во органите на партијата. Во најкраток рок треба да побараме од ЕУ да направи комисија во име на ЕУ или на одредени држави во кои демократијата е на чело, да дојде и да ги преиспита сите можни монтирани случаи. Ако и тоа не се случи, верувајте, апсолутно нема никаква потреба, јас лично, а верувам и органите на Алтернатива, да бидат дел од власта“,
вели Реџепи за ТВ 24.
Гаши, пак, посочува дека ставовите на Реџепи не се партиски, а од Алтернатива за ТВ 24 посочуваат дека остануваат на своите принципи поради кои се договорија со СДСМ и велат дека се оптимисти за отпочнување на преговорите со ЕУ до крајот на јануари.
Кога се во прашање евроинтеграциите, денеска Советот за општи работи на ЕУ ги усвои заклучоците при што се наведува дека „Советот со нетрпение очекува одржување на првите меѓувладини конференции со Република Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро откако ќе се одобрат преговарачките рамки од Советот“.