Премиерот порача дека очекува целосна истрага за тоа дали некој затаил во спроведувањето на решението за куќен притвор за Мијалков, а согласно тоа, нагласува, јавно ќе побара одговорност
Нема политички договор за бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, изјави премиерот Зоран Заев.
„Апсолутно дека нема политички договор. Прво, јас сум среќен што како извршна власт сме обезбедиле услови и во време после режим е организиран правен процес. Очекувам оваа седмица, како што е најавено, да финишира и веќе е најавена казна и веројатно тоа е причината зошто лицето Сашо Мијалков не можело да биде пронајдено дома. Очекувам да има комплетна разрешница на случајот, како што очекувам час поскоро да биде лоциран и биде ставен во домашен притвор“,
рече Заев.
На новинарските забелешки во врска со тоа како би се очекувала одговорност за бегството на Мијалков кога никој не понесе одговорност ниту за бегството на експремиерот Никола Груевски, Заев порача дека очекува целосна истрага за тоа дали некој затаил во спроведувањето на решението за притвор, а согласно тоа, како што вели, јавно ќе побара одговорност.
„Нема да навлегувам во деталите заради тоа што сум транспарентен, но можам да реметам истрага и ќе испадне дека сум истражител, обвинител судија или слично. Уште еднаш ќе кажам, јас и нашиот народ сме разочарани и очекувам лоцирање и пронаоѓање за, доколку биде осуден, да си ја лежи казната. Очекувам детали што се случило, каде бил, како е спроведено решението, зошто не е пронајдено лицето и слично. Согласно тоа, најавувам одговорност. Дали ќе биде БЈБ, АНБ, министерот, премиер и кој било ако има погрешено. Доколку постои одговорност, ќе се бара одговорност од кого и да е“,
рече Заев.
На прашањата зошто полицијата не го чувала Мијалков пред пресудата, со оглед дека му се заканува висока казна, Заев рече:
„Очекувам будно око, комплетно насочено кон ова, мора да го расветлиме случајот дали бил дома, дали некој толерирал и слично. Ако имало решение на суд во рацете на МВР и тоа не го спровело решението, одговорност ќе има, најголема на свет. Да ги почекаме деталите за да лоцираме одговорност. МВР постапува по закон. Постапувањето на МВР е набљудување на јавни простори за лица за кои постојат сомневања дека би можеле да се пуштат во бегство и слично, и убеден сум дека МВР го направило тоа. Но, за да ограничи слободи и права, треба да има судско решение“,
рече Заев.
Заев истакна дека треба да се учи од вакви случаи, но додаде, треба да се знае дека обвинител кога дава завршни зборови тој оценува што бара од судот, а завршни зборови имаше минатиот петок. Судот е, вели, исто така тој кој што ја води постапката и е контролор односно управува со целиот предмет, а извршната власт е надвор од целиот сисмет.
„Не се оградувам, можеби ќе испадне пропуст на извршната власт. Давам јавни коментари кој, што е надлежен и што можел или не можел да постапи во содвтениот процес или период. Деновите се пред нас и ќе ги добиеме сите одговори. Тоа е презначајано, народот е гневен, го видовте избликот на нервоза, на очекувања на луѓето. о, уште еднаш потенцирам, очекувам брзо негово лоцирање, пронаоѓање и спроведување на судското решение. Второ, јавноста чека детали што се случило, каде бил, кога последен пат е виден, кога е издадено судското решение, како постапило МВР, што правел, Судот, што правело Јавното обвинителство и согласно тоа, одговорност секако дека ќе има“,
рече Заев.