Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не постојат причини, ниту потреба за одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април догодина. Наскоро ќе се знае составот на техничката влада кој треба да се формира на 100 дена пред избори, а како можни кандидати за технички премиер ги спомена актуелните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика Оливер Спасовски и Мила Царовска, чии имиња изминатиот период се споменуваа и во јавноста.
Најверојатно в четврток владејачката партија ќе направи внатрешни консултации, а потоа и во коалицијата, за да бидат донесени одлуките за техничката влада.
„Ние треба да се усогласиме околу името на техничкиот премиер, за двајца дополнителни заменици министри во МТСП и МВР со право на вето. Веројатно до крајот на годината треба да следи и барање и предлози од опозицијата за министри во МВР и МТСП, но и тројца заменици министри и за тоа да разговараат со власта. Очекувам на 3 јануари, датум кој е на 100 дена пред избори да се констатира мојата оставка со што престанува да функционира оваа Влада која ја водам и на самата седница на предлог на новиот мандатар кој добива мандат од претседателот на државата, да се претстави техничката влада и програмата и да се избере“, изјави денеска Заев.
Според него, имињата кои се споменуваат за технички премиер се многу логични, бидејќи Спасовски и Царовска заминуваат од министерствата.
Тој целосно ја отфрли можноста за одложување на изборите поради очекувањето на ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на парламентот на Шпанија. Заев потсети на разговорот со шпанскиот премиер Педро Санчез дека Мадрид ќе ја заврши работата до јануари следната година и на планот „Б“ што предвидува евентуална условена ратификација на Протоколот од нашето Собрание.