Членовите на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија биле запознаени дека состојбата со хидроакумулациите заедно со можните исклучувања во термоелектраните, предизвикува сериозна загриженост за стабилноста на електричната мрежа во земјата, особено во зимскиот период, кога се очекува поголема потрошувачка на енергија

РЕК „Битола“ моментално работи со два блока, во ТЕЦ „Осломеј“ има недостиг од квалитетен јаглен, хидроакумулациите се на ниво од 10 отсто на капацитет, што е значително под повеќегодишниот просек за овој период од годината.
Ова се проблемите за кои биле информирани членовите на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија на денешната седница.
На седницата, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, биле разгледани повеќе теми од значење за електроенергетскиот сектор, со посебен акцент на моментната состојба на снабдувањето со електрична енергија во земјата.
„Членовите на Комисијата беа информирани за проблемите со термоелектраните, особено во РЕК ‘Битола’ и ТЕЦ ‘Осломеј’. РЕК ‘Битола’ моментално работи со два блока, со просечна потрошувачка на јаглен од 12 500 тони на дневно ниво. Во ТЕЦ ‘Осломеј’ има недостиг од квалитетен јаглен. Како резултат на работата на претходното раководство и користењето јаглен со лош квалитет, направен е прекин на работата на овој производствен капацитет. Поради тоа, за ТЕЦ ‘Осломеј’ е објавен оглас за набавка на 400 илјади тони јаглен, што треба да пристигнат на депонија за да може да се стартува со работа“,
се наведува во соопштението од Министерството.
Покрај ова, на седницата била претставена и актуелната состојба на хидроакумулациите. Членовите биле запознаени дека хидроакумулациите се на ниво од 10 отсто капацитет, што е значително под повеќегодишниот просек за овој период од годината.
Ваквата состојба, како што се наведува во соопштението, заедно со можните исклучувања во термоелектраните, предизвикува сериозна загриженост за стабилноста на електричната мрежа во земјата, особено во зимскиот период, кога се очекува поголема потрошувачка на енергија.
„Ситуацијата во југозападниот дел на земјата внимателно се анализира и набљудува, каде што постои ризик од преоптоварување на електропреносната мрежа во случај на нерасположливост на клучни блокови во РЕК ‘Битола’ и ТЕЦ ‘Осломеј’ и можноста од појава на обилни врнежи од снег“,
додаваат од Министерството.
Оттаму велат дека се анализираат различни сценарија за избегнување можни кризни ситуации кои се карактеристични за овој период од годината, како и заштитни мерки и оти состојбата во континуитет се следи.
Во рамките на седницата биле разгледани и прашањата поврзани со пазарот на електрична енергија.
Во ноември годинава просечната цена на енергијата на пазарот во државава изнесувала 165 евра за мегават-час, што е приближно во рамките на цените во регионот.
За јануари идната година, пак, се очекува зголемена потрошувачка и потреба од дополнителни набавки, особено за „ЕВН хоум“, чие годишно потрошувачко ниво е зголемено во однос на минатата година.
За да се обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија во текот на зимскиот период, во соопштението се додава дека МЕПСО, заедно со други релевантни институции и компании, презема мерки за подобрување на инфраструктурата и надминување на дефектите во системот.
„Особено важен проект е поставувањето на новиот трансформатор во ТС Битола 2, кој се очекува да помогне во стабилизацијата на снабдувањето во регионот. Седницата на Комисијата беше важен чекор во координирањето на мерките за стабилизирање на електроенергетскиот сектор, кој во текот на зимата е изложен на поголеми ризици поради зголемената потрошувачка и можни временски непогоди“,
стои во соопштението.
На седницата присуствувале членовите на Комисијата од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и претставници од енергетските компании ЕСМ, МЕМО, „ЕСМ енергетика“, „ЕВН хоум“ и ТЕ-ТО.