Посочи дека на седницата се официјализирал предлогот да има официјална потрошувачка кошница, која ќе биде формирана од синдикатите, Државниот завод за статистика, Организацијата на потрошувачи, како и Министерствата за економија и финансии
Нема договор за минималната плата, рече денеска претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска, по завршувањето на седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС), што денеска се одржа во Владата.
„На седницата се дискутираше на неколку теми, меѓу кои беше отворена и таа за минималната плата, но имаше само дискусија, без ставови и заклучоци“,
рече таа.
Посочи дека на седницата се официјализирал предлогот да има официјална потрошувачка кошница, која ќе биде формирана од синдикатите, Државниот завод за статистика, Организацијата на потрошувачи, како и Министерствата за економија и финансии.
„Сметаме дека таа ќе биде една официјална и институционална потрошувачка комшница која ќе ги дефинира сите точки и ќе ги земе в предвид сите потрошувачки елементи кои се релевантни за една кошничка“,
вели таа.
Она што го истражувале изминатиот период е дека Европската комисија нема директива по однос на потрошувачката кошница, како и дека секоја држава во регионот и во ЕУ има и синдикална и кошница која ја формираат институциите.
„Тие се разликуваат драстично. Синдикалните се двапати поголеми од државните“,
рече таа.
Очекува телото што ќе ја дефинира официјалната потрошувачка кошничка најверојатно ќе се формира на следната седница на ЕСС.
Синдикатите бараат минималната плата да биде најмалку 450 евра. Работодавачите, пак, посочија дека тоа ќе биде можно ако Владата субвенционира дел од придонесите.
Претседателот на Сојузот на синдикатите, Слободан Трендафилов рече дека е разочаран што на дневен ред не е точката за зголемување на платите, туку минималната потрошувачка кошничка.
Минатата недела премиерот Христијан Мицкоски рече дека минималната плата ќе биде онаа што ќе ја договорат работодавачите и работниците, одговарајќи на прашање дали Владата ќе го прифати предлогот на синдикатите за зголемување на минималната плата на над 500 евра.