На Економско социјалниот совет министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека првата фаза при креирањето на мерките е брза реакција со општи антикризни мерки, со цел да се апсорбира шокот од инфлацијата
Нема да има отпуштања од работа, ниту намалување на платите, а работа од дома се препорачува само онаму каде има можност за тоа, посочија владините претставници по завршувањето на четвртата седница на Економско социјалниот совет. Организацијата на работодавачите, кои исто така присуствуваа на Советот, се согласи мерките да бидат таргетирани и воедно зборуваа за влијанието на цената на електричната енергија врз нивната рентабилност.

По Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст ќе се воведе пракса во креирањето на планот на фискална одржливост секоја година да учествуваат и социјалните партнери.
На денешната седница, ако што соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика, се дебатирало на девет точки, меѓу кои предлог антикризни мерки на синдикатите, при што министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека првата фаза при креирањето на мерките е брза реакција со општи антикризни мерки, со цел да се апсорбира шокот од инфлацијата. Организацијата на работодавачите се согласи мерките да бидат таргетирани и воедно зборуваа за влијанието на цената на електричната енергија врз нивната рентабилност.
Во врска со новиот Предлог на закон за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници, министерот за информатичко општество Адмирим Алити изразил отвореност за соработка и вклученост на сите синдикати за предлози и коментари.
На седницата бил презентиран и извештајот од Државниот инспекторат на трудот, за спроведени инспекциски надзори во врска со исплата на регресот за годишен одмор, во врска со повреди и примена на одредби од колективни договори (на сите нивоа), примена на одредби од Законот за забрана за вршење на нерегистрирана дејност, повреди од областа на безбедност и здравје при работа, како и во врска со примена на Законот за минимална плата од страна на работодавачите.
На седницата, се додава во соопштението од МТСП, се зборуваше и за новиот Правилник за постапката за доставување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденцијата на доставените колективни договори. Присутните се информираа и за Предлог Закон за родова еднаквост за кој веќе се во тек јавни дебати, а беше дадена и кратка информација за Предлогот на Закон за спречување и заштита од вознемирување на работа. Предлог законот за заштита од вознемирување има првична драфт верзија и во нареден период треба да се разгледаат и предлозите од социјалните партнери.
„На крајот на седницата се отвори и прашањето за подготовката на новиот Закон за работните односи, која подолго време трае, на што министерката Тренчевска истакна дека до крајот на годинава ова законско решение ќе влезе во владина процедура. Претходно ќе бидат одржани јавни дебати во девет градови, со цел да се слушне мислењето на сите релевантни чинители во општеството“,
се наведува во соопштението од МТСП.
Со економско социјалниот совет претседаваше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, а беа присутни вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министрите за финансии, информатичко општество и администрација, Фатмир Бесими и Адмирим Алити. На седницата присуствуваа и претставници на работодавачите, репрезентативните и нерепрезентативни претставници на синдикатите.