Интернетот и социјалните мрежи дополнително го овозможуваат создавањето на т.н. твитер – револуции, лажни вести и алтернативни толкувања, како и ширење на говор на омраза, повици за линч …
Покрај медиумите, важна улога игра и религијата односно нејзиното толкување и однесувањето на верските лидери
Доминантниот став во Северна Македонија е дека постои политички и етно-националистички екстремизам, но дека крајно екстремните групи во земјава се маргинални, бидејќи тие се во рамки на одредени поголеми политички партии и немаат сила да го преземат управувањето на институциите.
Ова е еден од заклучоците на кои упатува анализата која е дел од истражувањето на Здружението на граѓани „НЕКСУС – Граѓански концепт“.

Истражувачите посочуваат дека идеолошкиот екстремизам во земјава доминира пред религиозниот екстремизам, и тие во социјалните движења се рефлектираат преку идентитетските прашања и различностите особено етничките, религиозните и јазичните.
Основните проблеми од кои се раѓа екстремизмот во нашето општество, според оваа анализа, се немањето политичка стабилност, социјална кохезија и интегрирано општество, како и сиромаштијата, поделбата на елити и народ и високиот степен на корупција.
НЕКСУС посочува дека тоа што македонската и албанската заедница внатрешно се политички поделени, е причина што експертите не гледаат јасна врска помеѓу насилниот екстремизам и етно-национализмот. Екстремистичките сцени, пак, нагласуваат, се манифестираат преку популистички пораки, говор на омраза …
„Пораките од екстремистичките сцени вообичаено се популистички и/или апокалиптички и укажуваат на надмоќ, доминација над другите, а често се служат и со говор на омраза. Реториката се засилува околу важни политички случувања. Иако можеби надлежните институции го препознаваат и се свесни за нивното инструментализирање, сепак не се преземаат активности за спречување на штетите од користењето на овие сцени“,
пишува во анализата.
Според истражувањето на НЕКСУС, медиумите играат важна улога за политичкиот и етно-националистичкиот екстремизам во земјата. Тие се посочуваат како важни актери за да се „одржи во живот“ конфликтот помеѓу групите, како и за да им дадат легитимитет на одредени екстремистички наративи.

Интернетот и социјалните мрежи дополнително го овозможуваат создавањето на т.н. твитер – револуции, лажни вести и алтернативни толкувања, како и ширење на говор на омраза, повици за линч … Покрај медиумите, тука е и религијата односно нејзиното толкување и однесувањето на верските лидери.
Искоренувањето на етно-национализмот, според анализата на НЕКСУС, во Северна Македонија е скоро невозможно, но треба да научиме како да менаџираме со различностите за тоа да не се претвори во закана за јавната безбедност.
„Потенцијалот на екстремистичките сцени да бидат закана за јавната безбедност најмногу зависи од политичката и општествената клима што ќе се гради во периодот што доаѓа. Разновидноста на општеството не треба и не смее да се гледа како закана. Но, инструментализацијата на различноста во креирање на ’непремостливи‘ разлики помеѓу групите, влијаат врз формирање на дискурс на исклучување и рамки во кои ’Другите‘ се ’културно далечни‘ и поради тоа во одлучување за колективното добро тешко можеме да дојдеме до заеднички став или консензус“,
наведуваат истражувачите во анализата.
Уште една закана за политичката и безбедносната атмосфера во општеството, според нив, е и тоа што има висока функционална неписменост која се одразува во медиумската неписменост односно непрепознавањето на лажните вести.
Препораките кои ги дава НЕКСУС за јавните институции и општините за успешно справување со екстремизмот е да се фокусираат на превенција, да имаат мултисекторски пристап и кохеренција со други институции и граѓанскиот сектор, но и да се поврзат со медиумите во борбата против лажните вести.
Граѓанските организации, пак, велат, треба да го прошират опсегот на свое делување, да развијат програми за превенција и рано откривање на екстремизмот, да соработуваат со медиумите, како и да развијат заеднички програми за ресоцијализација и рехабилитација на поранешни членови на екстремистички сцени.
Податоците од ова истражување НЕКСУС ги добил преку длабински интервјуа со претставници на јавните институции, општините, академската заедница, граѓанскиот сектор и религиозните заедници. Биле интервјуирани 11 мажи и 4 жени во периодот од април до мај 2020. Истражувањето е финансиски поддржано од Европската комисија и е во рамки на оперативниот град „Програма за градење на отпорност во заедниците од насилниот екстремизам и радикализацијата која води кон тероризам, на врската помеѓу безбедноста и развојот во Република Северна Македонија“.
Целото истражување може да го прочитате тука.