Тројца ученици од „Владо Тасевски“ и двајца од „Јан Амос Коменски“ се во домашна изолација. Тие немаат симптоми на коронавирус, но согласно препораките, превентивно не се на настава. Причина за ваквата одлука е контактот кој нивните родители го имале со директорката на Клиниката за кожни болести која беше позитивна на тестирањата за короновирусот.
„Не постои простор за паника. Стотина лица присуствувале на семинарот кој го држела директорката. Сите се во изолација, а поради ризикот кој постои, со нив се и нивните дечиња, кои се ученици во неколку училишта во Карпош. Напоменувам дека децата немаат никакви симптоми, туку така мора да постапуваме за да ги почитуваме протоколите и мерките за заштита утврдени од здравствените власти“,
изјави за „360 степени“ градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.
Инаку, од вчера во домашна изолација се и двајца ученици од „Братство“, деца на докторка од Кожната клиника. Таа минатата недела токму во тоа училиште држела предавање за заштита од коронавирус, без да знае дека нејзината директорка била заразена. Таа во писмена изјава укажа дека не била во близок контакт со нејзината претпоставена.