Заинтересираноста на македонските иселеници за учество на десеттите парламентарни избори во земјава досега е незначителна. Во изминатите дваесетина дена за гласање се пријавиле само 2 370 иселеници
Околу 2 370 македонски иселеници, според податоците од ДИК, се пријавиле досега за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на земјава. Тоа е помалку и од половина од бројката на гласачи што треба да се достигне за на 11 април да има избори надвор од државата.
Според тоа, изборите за пратеници во дијаспората сè уште се под знак прашање, со оглед на неизвесноста дали до 11 овој месец ќе се достигне прагот од околу 6 500 пријавени иселеници за гласање во ДКП. Од ДИК објаснуваат дека ако не се постигне најмалата бројка на гласачи со која на минатите избори е избран пратеник на гласањето во земјава, тогаш на годинешниве избори нема да се гласа надвор од границите на Македонија.
Цензус
Моменталниот праг е околу 6,5 илјади запишани избирачи, затоа што на изборите на 11 декември 2016 година тоа е најнискиот скор, според Донтовиот модел за пресметување на мандатите, кој го овозможил изборот на последниот пратеник – во овој случај, во шестата изборна единица, каде што одѕивот бил најнизок.
Најмногу гласачи досега се пријавиле во ДКП на Северна Македонија во Венеција, Берлин, Берн…, додека во Талин, Подгорица, Отава… се пријавени само по еден до двајца гласачи. Рокот за пријавување на гласачите од дијаспората почна да тече на 16 февруари, односно веднаш по распишувањето на изборите, а истекува на 11 март.

Иако во изминатите близу три седмици не се пријавени ниту половина од потребниот број гласачи, во ДИК велат дека искуствата од изминатите години покажуваат дека во последните денови има најголем наплив на пријави за гласање. Затоа не се исклучува можноста во наредните пет-шест дена да се постигне „скриениот услов“ кој би овозможил гласање и во дијаспората на посебни кандидатски листи што би ги предложиле партиите – со по тројца кандидати, колку што е максималниот број мандати што може да се освојат надвор од земјава.
Хронологија
Правото на глас за македонските иселеници во ДКП во државите во кои престојуваат датира од предвремените парламентарни избори во 2011 година, а важи и за претседателски избори. Во претходните два состави на законодавниот дом имаше по тројца пратеници од дијаспората, сите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – избрани според мнозински модел и со многу мал број гласови. Тоа е и причината поради која во последните години секогаш пред избори се наметнува темата за оправданоста и исплатливоста на гласањето во странство, со оглед на малата мотивација на дијаспората за учество во изборниот процес, наспроти големите кадровски и финансиски ресурси што се потребни за спроведување на изборите во ДКП, каде што патуваат избирачки одбори од земјава.
За последните парламентарни избори, во 2016 година, согласно договорот од Пржино, беше сменет моделот на гласање во дијаспората – од мнозински во пропорционален и премиерно беше воведен цензус за избор на пратеник. Со оглед на тоа што на тие избори не беше постигнат најмалиот број на гласови со кои бил избран пратеник во 2014 година, во деветтиот парламентарен состав немаше претставници од дијаспората. Тогаш, за гласање во ДКП се пријавија околу 20 500 избирачи, но само 40 проценти од нив или околу 8 200 илјади го искористија правото на глас. На крајот, нешто повеќе од пет илјади гласа за листата на ВМРО-ДПМНЕ не беа доволни за освојување барем еден пратенички мандат.
На ланските претседателски избори, пак, само близу 1 800 иселеници се пријавија за гласање во 32 дипломатско-конзуларни претставништва на земјава. Од нив само околу 800 избирачи излегоа во вториот круг од претседателските избори, додека за спроведување на изборите во ДКП беа испратени околу 250 административци од земјава.