(ВИДЕО) Примопредавање на лидерската палка на „Бихаќска“, по внатрепартиските избори на 12 декември
Ковачевски најавуваа одредени промени во раководството на СДСМ, но вели дека и дел од досегашните функционери ќе останат на истите позиции
Димитар Ковачевски и формално ја презема претседателската позиција во СДСМ, откако во неделата беше избран на функцијата, на вторите директни избори во партијата, кои беа вонредни, поради оставката на Зоран Заев.
Од СДСМ соопштија дека Заев попладнево, во партиското седиште, му ја предал функцијата на Ковачевски, честитајќи му ја победата и посакувајќи му успешен мандат.
„Претседателе, ти посакувам среќа, мудроста ја имаш, да ја чуваш оваа најголема и државотворна партија, да ја негуваш социјалдемократијата, да водиш грижа за единството и да ја чуваш слободата и демократијата во нашата земја, како и во партијата. Посакувам успешен мандат како претседател на СДСМ, да избереш мудро раководство кое ние сите ќе го следиме. СДСМ е столб на државноста“,
му рече Заев на Ковачевски.
Ковачевски, пак, му се заблагодари на досегашниот лидер за сиот негов придонес во водењето на СДСМ, но и на Владата во изминатите години, период во кој, како што се наведува, земјата стана членка на НАТО и постигна историски успеси.
„Ти благодарам и за мудрите одлуки што ги донесе за партијата, но и за државата, благодарение на кои денеска земјата е членка на НАТО и сме на прагот на почнување на преговори со ЕУ. Благодарам што оставаш во наследство партија која има најголем кадровски потенцијал. Сакам да ти посакам многу здравје, и среќа во личниот и во професионалниот живот“,
му ре;e Ковачевски на Заев.
Откако ја презема функцијата од Заев, Ковачевски најави одредени промени во раководството на СДСМ.
„Согласно процедурите, ќе имаме седница на Централниот одбор на која ќе информирам за разговорите со коалициските партнери. Планирам да предложам неколку нови членови на ЦО и раководство на партијата кое ќе вклучува членови и на постојното, но и нови лица“,
изјави Ковачевски за ТВ24, не откривајќи кој ќе замине, а кој ќе остане во партискиот врв.