Од СОНК вчера, пак, беа на преговори во МОН, но не се договорија за прекин на штрајкот и продолжување на наставата за учениците бидејќи не добиле конкретен предлог за покачување на платите
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, утрово обвини дека Министерството за труд и социјална политика (МТСП) сака да ги заплаши вработените во градинките кои се приклучиле на штрајкот за зголемување на платите.
„Четврти ден од почетокот на штрајкот во градинките и училиштата, без понуда за зголемување на платите. Наместо наоѓање решение на проблемот, МТСП врши обид да ги заплашува штрајкувачите во градинките со разни дописи. Почит и поддршка до сите вработени во градинките и училиштата кои се во штрајк“,
напиша Неделков на социјалните мрежи споделувајќи стихови од, како што вели, химната на СОНК.
Вчера тој заедно со други претставници на синдикатот беше на средба и со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, за да разговараат за покачувањето на платите на наставниците и професорите, како и за евентуално продолжување на наставата за учениците. Меѓутоа, вчерашната рунда преговори не донесе решение бидејќи, како што рече Неделков, не добиле конкретен предлог за зголемувањето.
„Очекуваме од МОН овие денови да излезат со конкретен предлог, па и со некаков допис кој на писмено ќе го имаме од нив како гаранција за тоа што се договараме, дали веднаш ќе можеме да одлучиме да се стави штрајкот во мирување или не, ќе зависи од тоа што МОН односно Владата ќе излезат со предлог. Сите сме расположени да се прекине штрајкот и да почне наставата, меѓутоа тоа ќе одлучи членството, а тоа ќе одлучи врз основа на конкретен предлог кој би го прифатиле мнозинството наши членови“,
порача Неделков по вчерашната средба со МОН.
Од неа, како што рече, добиле уверување дека платите ќе се зголемат, но министерот не сакал да шпекулира со бројки зошто и самиот не знае колку пари ќе има со оглед дека ќе се прават пренаменување на средства од други министерства и од Владата.