Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски минатата недела оцени дека овој сет мерки нема никаква корисна функција и ги нарече изборна измама
Уредбите за мерките од третиот сет треба да се донесат неделава, по што и на граѓаните ќе им биде објаснето како да ги користат. Дел од мерките според најавите треба да почнат да се применуваат во јуни и јули.
Според Владата, третиот сет економски мерки е за ревитализација на економијата кои имаат цел да го амортизираат ударот врз економијата.
„Сите мерки се креирани со јасно поставени цели и очекувани ефекти кои треба да ги дадат, како на краток така и на среден рок. При креирањето на мерките владата мислеше на сите – и на невработените, и на вработените со ниски примања, и на социјално ранливите категории, и на младите и на оние кои се најизложени во борбата – здравствените работници, и на приватниот сектор, погодените сектори, и на домашните компании, на македонскиот туристички сектор, на малите компании, на стартапите, на големите компании, на индустријата, на ИТ секторот на земјоделство кое има неискористен потенцијал“,
истакна министерката за финансии Нина Ангеловска, образложувајќи ја содржината на пакетот минатата недела.
Дел од овој столб се и платежните картички и ваучерите за туризам кои треба граѓаните да ги добијат до јули, а да се искористат до крајот на 2020 година. Во третиот пакет се 11 милиони евра за ваучери и пет милиони евра за платежни картички, ваучерите од 100 евра, а картичките 50 евра.
Со мерките за стопанството во програмата на владата има 150 милиони евра, од кои 25 милиони евра за платежната картичка, 60 до 65 милиони евра за поддршка на работодавачите за исплата на плати и дополнителни 50 милиони евра кои ќе се насочат за дизајнирање и креирање на навремени мерки.
Мерките, според Владата, се носат навремено и брзо. Првиот и вториот пакет опфаќаа 200 – 250 милиони евра, а третиот 355 милиони евра за 730 000 корисници.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски минатата недела оцени дека освен за пи-ар, тие мерки немаат никаква корисна функција и ги нарече изборна измама.
Вчера, во емисијата „Дебата“ на ТВ Клан, тој ги нарече неуспешни двата претходни пакет – мерки, истакнувајќи дека мерката за поддршка на фирмите за април и мај, наместо предвидени 250 000 работници опфатени се некаде околу 110 000, наместо 60-тина милиони евра искористени се е само некаде околу 25 милиони евра, додека од предвидените 120 милиони евра во втората мерка, исплатени се 25 милиони.
Повеќе здруженија и синдикати реагираа на третиот пакет мерки на Владата за справување со корона-кризата, и како што велат, наместо еднократно потребно беше системско решение за помош на обесправените граѓани.
