За некои од дејностите не треба да важи законското решение за недела неработен ден, како што се трговските и туристичките центри, вели министерот за економија Крешник Бектеши.
„Имајќи го предвид трендот на изградба на трговски центри, инвестициите кои се прават во таа дејност и приливот на странски туристи во викендите во нашата држава, а посебно од соседните држави, мислам дека многу внимателно треба се разгледа ова прашање и трговските центри да работат и во недела“,
рече Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање.
Повикувајќи се на анализата на Министерството за економија, во недела би требало да работи и трговијата на мало, а во делот на трговијата на големо одредени дејности можат да не работат во недела.

Но затоа оние што ќе работат во недела да добиваат дневници за најмалку 50 отсто повисоки од редовните.
Ваквиот став на министерот Бектеши не е непознат во дебатата што се води за тоа кои дејности треба да одмараат во недела.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на почетокот на овој месец пред членовите на Економско-социјалниот совет ја презентира последната верзија на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, со кој се предвидува денот недела да биде неработен.