Првичната замисла на Министерство за труд беше недела да биде неработен ден за сите работници, освен за оние во дејностите кои се неопходни за непречено функционирање на државата
Министерот за економија Крешник Бектеши порача дека законското решение не треба да важи за трговските и туристичките центри, оти се работи за големи инвестиции и прилив на странски туристи во земјава
Примената на Законот за работни односи и „Недела – неработен ден“ ќе бидат со одложена примена, од 1 јануари 2022 година, соопштија вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јагода Шехпаска на денешната редовна месечна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог што се одржа во Владата.
По повеќе од три месеци најава, уште не е готово законското решение за недела да биде неработен ден. Министерката за труд и социјална политика вели дека произлегле и други размислувања за кои се дебатира отворено.
Првичната замисла на ресорното министерство беше недела да биде неработен ден за сите работници, освен за оние во дејностите кои се неопходни за непречено функционирање на државата.
Со ова не се согласува министерот за економија Крешник Бектеши, кој порача дека законското решение не треба да важи за трговските и туристичките центри, оти се работи за големи инвестиции и прилив на странски туристи во земјава. Тој порача внимателно да се разгледа прашањето и трговските центри да работат во недела.
Во февруари вицепремиерот Битиќи рече дека усогласувањето на конечното законско решение е при крај и дека исклучок од неработењето во недела ќе бидат 34 дејности.
Синдикатот бара недела да биде неработен ден за сите освен за армијата, војска или фабрики кои не може да го прекинат производството. Онаму каде дејноста налага работа од 24 часа, од Синдикатите велат дека треба да се воведат дежурства, но тие вработени да добијат многу повисока дневница
Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) имаат поинакво гледиште во врска со предлогот за прогласување на недела за неработен ден. Тие предлагаат недела да биде ден за одмор, а секоја работа во недела да се пресметува како прекувремена работа и да се исплаќа дневница зголемена за 50 отсто.
Воведувањето на неработна недела уште во јануари лани побараа од невладината организација „Гласен текстилец“ поради многу поплаки за прекувремена работа или неплатен труд на вработените особено во текстилната индустрија, трговските центри и градежништвото. Ставот на оваа организација е недела да биде неработен ден и за вработените во приватниот сектор во делот на текстилната индустрија и трговијата да биде затворена во недела.