Според директорот кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците, напаѓачот не бил член на партијата Алијанса за Албанците, но како што вели, има сознанија дека бил близок роднина со Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар и претседател на АА
Кои сте вие да продавате туѓи имоти. Кои сте вие што зборувате против ВМРО-ДПМНЕ. Со овие зборови, како што вели директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу, кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците (АА), во изјава за Сител ТВ, бил вербално нападнат синоќа во ресторан во Тетово.
„Со пцуење ми се обрати, а ми рече и дека ќе бидам убиен. Ми се дереше“,
вели Небиу.
Нападот се случил непосредно по вчерашната прес-конференција на претседателот на Централното собрание на партијата, Зијадин Села.
Според Небиу, напаѓачот не бил член на партијата Алијанса за Албанците, но како што вели, има сознанија дека бил близок роднина со Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар и претседател на партијата Алијанса за Албанците.
По вчерашниот инцидент, Дритон Небиу објави фотографија на својот фејсбук-профил на која е фотографиран заедно со десетина други лица, најверојатно сопартијци. Под фотографијата кусо е напишано:
„Можеш да ме убиеш, но не и да ме исплашиш!“
Во Алијанса за Албанците владее силна поделба околу тоа дали партијата на претстојните парламентарни избори треба да оди самостојно или заедно со опозициските партии на Албанците. Веќе три дена траат јавните „препукувања“ меѓу таборите на актуелниот претседател Таравари и пранешниот Села.
Села, кој е и актуелен претседател на Централното собрание на АА, на прес-конференција во седиштето на партијата во Тетово објави дека свикува седница на ова партиско тело за в сабота, на која ќе се бара одговорност за претседателот на партијата, Арбен Таравари.
Рече дека и покрај одлуката на партиските органи за АА да оди самостојно на парламентарните избори, Таравари решил да оди спротивно на ова со вчерашната објава на Фејсбук во која побара поддршка за АА да оди на избори заедно со опозициските партии на Албанците.
Таравари, пак, објави дека неговата иницијатива добива подршка од мнозинството членови на Централното собрание.
Утрово пред куќата на Арбен Таравари, актуелниот градоначалник на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, од Секторот за внатрешни работи во Тетово информираа дека е пронајден неиспукан куршум од автоматско оружје.
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска изјави дека доколку е точно дека пред домот на Таравари бил оставен куршум, очекува во тој случај Министерството за внатрешни работи треба да интервенира, како што тоа беше случај по вчерашниот физички напад на директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу, кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците (АА).