Обвинителот Милошески во судница наведе дека автобусот 20 пати преминал со фалсификувана лиценца на граничните премини во 2021 година. Најмногу или 10 пати поминал на „Деве Баир“ и возел на релација од Скопје кон Истанбул.
По првото одложување во октомври, денеска во Основниот кривичен суд Скопје започна судењето во кое обвинети се управителот на „Беса транс“, Беким Хаџиу и компанијата како правно лице за фалсификување извод од лиценца за вршење меѓународен патен сообраќај за автобусот со кој во ноември лани во несреќа во Бугарија загинаа 45 лица.
Беким Хаџиу во произнесувањето пред судот рече дека го разбира обвинението, но не чувствува вина.
„Не се чувствувам виновен”,
рече Хаџиу.
Пред тој да се е произнесе, обвинителот Владимир Милошески го опиша обвинителниот предлог според кој управителот на „Биеса транс“ преку возачите што го управувале автобусот употребувал извод за лиценца која воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски. Со фалсификуван изводот од лиценца за меѓународен сообраќај автобусот лани во периодот од 10 јануари до несреќата во ноември, кажа обвинителот, 20 пати излегол од државата.
Милошески во судница ги прочита сите детали за овие 20 преминување, со детали за датумот, времето, релацијата и граничниот премин. Според тоа, автобусот што изгоре во несреќата лани најмногу или 10 пати поминал на „Деве Баир“ и возел на релација од Скопје кон Истанбул. Девет пати ја излегол од државата преку преминот „Блаце“ и најчесто возел од Скопје кон Призрен или Драч, а еднаш автобусот поминал и на преминот „Ќафасан“.
Во судница денеска сведочеше и претставник на Министерството за транспорт врски, кое е надлежно да издава лиценци, и објасни дека компанијата „Беса транс“ имала лиценца за слободен меѓународен превоз на патници. Станува збор за документ кој се однесува на фирмата и врз основа на него се издаваат изводи од лиценци за секое возило посебно. Според сведочењето, изводи од лиценци за меѓународен превоз „Беса транс“ имала за пет автобус, но помеѓу нив не е автобусот од несреќата.
Тезата на одбраната, пак, е дека во случајот нема фалсификување исправа – дело за кое се товари управителот и фирмата. Адвокатот Асмир Алиспахиќ во изјава за медиумите рече дека не е точно оти се употребувала фалц исправа односно тврди дека ниту се правел лажен документ ниту се менувала некоја постоечка лиценца за да се користи како вистинска. Како што тврди одбраната, се поминувала со оригиналните лиценци. На прашање, како патувал автобусот само со лиценци, а без извод за конкретното возило тој кажа дека за тоа како цариниците дозволувале, треба да одговара истражните органи.
„Тоа е прашање за истражните органи, како возилото кое за жал пред една година изгоре во Бугарија ја преминувала границата? Во конкретната ситуација ние имаме опис и обвинение каде се обвинуваме за фалсификување на исправа. Во ситуацијата обвинетиот ниту направил лажна ниту менувал постоечка за да ја употреби“,
рече Алиспахиќ.
Кога станува збор за цариниците на граничните премини кои биле задолжени да ги контролираат изводите од лиценците, пак, ОЈО Скопје кога го поднесе обвинителниот предлог за управителот во септември годинава наведе дека доказите за нив ќе ги достави до специјализираното Одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.