Минатата недела Азир Алиу, министерот за информатичко општество и администрација ги повика пратениците да ги разгледаат и да ги расчистат сите дилеми во врска со пакетот закони предложен од МИОА, кои пред повеќе од еден месец се усвоени од Владата, а се заглавени во Собранието
Не сум човек што работи под ултиматуми – ако некој каже, ќе го направам ова, ако постапите вака или онака, изјави денеска техничкиот премиер Талат Џафери при преземање на функцијата од досегашниот премиер Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања во однос на неодамнешната изјава на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу дека доколку не се одблокира пакетот закони за Министерството за информатичко општество и администрација ќе си даде оставка.

„Не сум човек што работи под ултиматум. Јас во принцип не работам така, не ми е својствено да прифаќам ултиматум. Секој има своја слобода. Како ќе цени дека треба да постапи, така нека постапува, а за последиците нека си мислат субјектите од каде што доаѓаат и од каде што добиле номинација, без оглед кој од каде доаѓа. Тоа е ставот. Јас хипотетички нема да зборувам во смисла што ќе се случи и што доколку би се случило. Оставам на конкретна состојба како и да се случуваат работите така и да се изнајдат решенијата за надминување на работите“,
рече Џафери.
Во насока на предлог-законите по однос на реформата во јавната администрација, Џафери рече дека тоа не се лични проекти и проекции на членовите на Владата.
„Надлежни институции за покренување на законска иницијатива пред Собранието се Владата, пратениците и група пратеници, односно 10 илјади потписници. Тоа е основата од каде се почнува. Предлозите се од Влада и тоа се владини предлози, не се предлог, ни на Талат, ни тогаш на Ковачевски, ниту на кој било поединечен министер. Тоа е заеднички предлог и затоа дебата се води и по комисиите и на седница на Влада. Таков усогласен предлог се пушта до Собранието, како овластен предлагач. Во скратена постапка се предлозите, значи пред усвојување на дневен ред Собранието се изјаснува за потребата за донесување на таков закон. Во конкретниот случај, Собранието се согласило дека има потреба да се носат такви закони. Законот е во второ читање. Определени се работни тела да го разгледаат тоа. И ги повикува веднаш да свикаат седница“,
вели Џафери.
Минатата недела Азир Алиу, министерот за информатичко општество и администрација, ги повика пратениците да ги разгледаат и да ги расчистат сите дилеми во врска со пакетот закони предложен од МИОА, кои пред повеќе од еден месец се усвоени од Владата, а се заглавени во Собранието.
„Се работи за законите поврзани со јавната администрација, за дигитализација и за медиуми на кои МИОА работело подолго време и кои се клучни и од суштинско значење за олеснување на животот на граѓаните. Тие се поврзани и со трите столба – администрација, дигитализација и медиуми од програма на ЕУ ‘Дигитална Европа’ со која летото нашата држава склучи договор“,
рече тој.
Сепак, изјави и дека шпекулациите дека ќе си даде оставка од функцијата доаѓаат од оние што го посакуваат тоа.
„Ако некој ми каже во очи дека овие закони се поврзуваат лично со моето име, веднаш ќе дадам оставка. Досега ми е кажано дека овие закони не се во постапка заради причини во кои јас лично не верувам. Но, ако тоа се докаже, ќе поднесам оставка пред мојата политичка партија, а потоа и до Владата. Сепак, ние сме министри и имаме надлежности и обврски и кон нашата политичка партија“,
рече Алиу.
Со Законот за административни службеници се овозможува унапредување на постојните законски решенија кои се донесени и придонесуваат кон подобрување на јавниот сектор, посебно во делот на јавната администрација, како Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, каде што првпат системски и институционално се уредува прашањето за одржување континуирана надградба и развој на стручните капацитети на административните службеници во државата.
Со Законот за безбедност на мрежи и информациски системи и дигитална трансформација на државата се предвидува формирање агенција за безбедност на мрежи и дигитална трансформација е еден од клучните закони за трансформација на нашата земја.
Со законот за електронско управување и електронски услуги се овозможува да се искористи целата инфраструктура на АД ‘Македонски пошти’, каде што ќе се овозможи на сите шалтери да се дадат услуги од една точка. Дополнување и изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го уредува медиумскиот простор во медиумите со закони кои досега не беа на разгледување од комисиите во Собранието.