Премиерот Оливер Спасовски не кажува конкретни бројки колку луѓе во земјава останале без работа поради кризата, но тврди дека нема драстичен број на отпуштени.
„Тоа не е бројка која драстично отскокнува во овој период и во тој дел состојбата не е таква како што сака да се претстави. Апел еден до работниците: Да не потпишуваат спогодби за отпуштање од работа. Во оваа ситуација државата многу им помага на работниците, прави сè што е можно да ги задржат работните места, ама мора и работниците сами на себе да си помогнат. Најмалку што можат да направат е да не потпишуваат спогодбени откази. Има Закон за работни односи кој ги штити и постојат две опции врз основа на кои тие можат да бидат надвор од работните места, да не одат на работа, а да користат придобивки од Законот. Дали е тоа 70 или 50 проценти од платата зависи од критериумот што ќе се земе предвид. Ако е за економска неактивност, се исплаќа 70 проценти, ако е за виша сила се исплаќа 50 проценти од платата“,
рече Спасовски.
На работодавачите, пак, им порача да бидат солидарни и да понесат дел од товарот, како и оти државата е тука да им помогне на сите.
„Секој сака нешто да добие од оваа криза, а треба да настапуваме обратно – дека секој треба нешто да изгуби од оваа криза. И мислам дека угостителите и оние што се занимаваат со туризам имаат можност и капацитет во одреден период да помогнат и на себе и на вработените и на државата, а секако во месеците април и мај да ги користат мерките“,
рече премиерот.