Откако министерката за одбрана Славјанка Петровска пред три дена најави дека ќе испрати барање за дозвола за изградба на споменик за десетте војници кои ги загубија животите на автопатот Скопје-Тетово кај месноста Карпалак до Општина Желино, градоначалникот на општината вчера се амнестираше од одговорност за давање дозвола, велејќи дека прашањето најпрвин треба да се постави до ЈП за државни патишта, бидејќи споменикот би требало да се изгради на самиот автопат
Министерската за одбрана Славјанка Петровска денеска преку објава на својот официјален фејсбук-профил му одговори на градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу, кој се прогласи за ненадлежен за изградба на спомен-обележје за загинатите бранители кај Карпалак и ја повика министерката иницијативата да ја препрати до Јавното претпријатие за државни патишта.
Таа му порачува на Сејдиу да не мудрува и да постапи по иницијативата која е согласно одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја.
„Градоначалникот на Желино нека не мудрува и нека постапи по иницијативата која е читко и јасно напишана, каде се цитирани одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја. Во услови кога градбите на пола општина му се дивоградби не е баш умесно да ми дава правни совети“,
напиша Петровска на Фејсбук.
Откако министерката за одбрана Славјанка Петровска пред три дена се поклони и положи свежо цвеќе на речиси необележано место на автопатот Скопје – Тетово, кај месноста Карпалак, кое е во рамките на општина Желино, најави дека ќе испрати барање за дозвола за изградба на споменик за десетте резервисти кои ги загубија животите за време на конфликтот во 2001 година, во услови кога веќе беше склучено примирје меѓу македонските безбедносни сили и припадниците на паравоената ОНА.
Градоначалникот на општината, пак, се амнестираше од одговорност за давање дозвола, велејќи дека прашањето најпрвин треба да се постави до ЈП за државни патишта, бидејќи споменикот би требало да се изгради на самиот автопат.
„Јас како градоначалник ако сакам да градам на самиот автопат некој споменик, не ќе можам. Морам да се обратам до ЈП за државни патишта. Значи, Законот го вели тоа. Плус тоа, таму нема урбанистички проект. Законот вели така. Треба да се урбанизира прво, да се види дали има услови, итн., итн. Но во самиот автопат, каде што е предвидено тоа, директно е надлежно ЈП за државни патишта”,
изјави градоначалникот Блерим Сејдиу за ТВ Сител.
Вчера и градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, исто така на одбележувањето на 22-годишнината од загинувањето на осумтемина припадници на резервниот состав на АРМ кај Љуботенски Бачила над Скопје во 2001, рече дека ќе даде простор за споменик за жртвите.
Тој на својот фејсбук-профил напиша дека на разгледување на локацијата била поканета и министерката Петровска, но оти таа одбила дојде.
Сепак, тој не спомена дека иницијативата и за овој споменик била Министерството за одбрана, како што може да се заклучи од нејзиниот денешен пост.
„Драго ми е што го охрабрив и градоначалникот на Бутел после две години од неговиот мандат да започне да размислува за ваков споменик и го охрабрувам да постапи по иницијативата на Министерството за одбрана, наместо да прави популизам од оваа тема“,
вели министерката Петровска.
Таа во објавата додава дека деновиве се воздржала од коментари на сè што беше кажано во врска со иницијативите за споменици.
„Не сакав да се впуштам во квазиполитички дебати заради искрената почит која ја имам кон загинатите бранители и нивните семејства. Споменици ќе има на сите три локации за кои поднесов иницијатива и тоа ќе го направи Министерството за одбрана. Поднесувањето на иницијативите е само почеток, а не крај на постапката“,
вели министерката за одбрана.