Изјавата на бугарскиот амбасадор во заминување Ангел Ангелов следуваше како коментар на изјавата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој неодамна кажа дека очекува што побрзо формирање политичка влада во Бугарија со која ќе може да се дискутира на повеќе нивоа
Не може да има преговори за нешто што е веќе договорено, тоа што е договорено мора да се испочитува и исполни. Ова денеска го изјави бугарскиот амбасадор во заминување Ангел Ангелов прашан за коментар на изјавата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој неодамна кажа дека очекува што побрзо формирање политичка влада во Бугарија со која ќе може да се дискутира на повеќе нивоа.
„Мене в петок ми завршува мандатот, така што јас веќе бев кај министерот Муцунски за да си си кажеме довидување. Ние сега имаме избори, на 27 октомври, и се надеваме дека ќе формираме влада која ќе може да влезе во еден интензивен дијалог, се разбира, не преговори, зашто преговори не може да има за нешто што е договорено, тоа што е договорено мора да се испочитува и да се исполни“,
изјави бугарскиот амбасадор одговарајќи на новинарски прашања по денешниот увид во градежните работи на првиот социјален клуб за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар.
Географијата, додаде Ангелов, нема да ја менуваме и ќе си останеме соседи.
„Треба да имаме интензивна комуникација, вклучувајќи ја и историската комисија“,
додаде Ангелов.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски прашан дали има некакви сигнали за разговори во соседна Бугарија, неодамна рече дека Бугарија повторно влегува во изборна година и оти очекува дека што побрзо ќе се формира политичка влада со која, како што рече, ќе може да дискутира за да отвори дијалог на повеќе нивоа.
- Муцунски: Очекувам политичка влада во Бугарија со која ќе можеме да отвориме дијалог на повеќе нивоа
Претходно денеска, премиерот Христијан Мицкоски најави дека во периодот што следува ќе има кадровски промени во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, зашто, како што оцени, актуелниот состав на комисијата од македонска страна не ги оправдала очекувањата и не ги штитела националните интереси.