Премиерот посочи дека во моментов не се размислува за рестрикции во движењето, но дека не е исклучена можноста, ако треба, да се воведе полициски час или нов карантин
Владата не калкулира со полициски час или нов „локдаун“. Економијата е стабилна и ако здравствените експерти увидат дека се потребни – рестрикции ќе има, порача премиерот Зоран Заев по денешниот состанок на Советот за безбедност.
„Не постои поважна работа од здравствениот аспект на кризата. Не се предлага полициски час затоа што најверојатно не се гледа дека ќе даде дополнителни ефекти. Сега се знае многу повеќе за вирусот, за тоа какви ефекти имаат мерките и како се пренесува вирусот. Сакам да знаете дека економската состојба е стабилна, системот функционира и немаме никакви стравови дека нешто ќе предизвика економски последици. Ако се увиди од страна на стручните здравствени експерти дека треба да има полициски час, затворања или слично, Владата веднаш ќе постапи по таквите одлуки, но важно е јавноста да знае дека Владата нема никакви калкулации ниту планови или претпоставки што би направило тоа на економијата ако има такви одлуки. Тоа не е ниту блиску важно колку здравјето на луѓето, а и за време на полицискиот час знаете дека работат фабриките и дејството би било можеби минорно. Дефинитивно останува отворена можноста и во иднина за ваков вид мерки, но ако тоа го согледаат здравствените институции“,
рече Заев.
Заев и претседателот Стево Пендаровски посочија дека прогласувањето кризна состојба нема врска со евентуално воведување рестрикции во движењето и дека за тоа ќе одлучат Комисијата за заразни болести и владиниот кризен штаб.
Премиерот појасни дека прогласувањето кризна состојба се прави со цел за полесно менаџирање на сите ресурси во државата во справување со пандемијата.
„Не се исклучува можноста за ‘локдаун’, полициски час и слично, но во моментот тоа не се разгледува. Моја должност е да ги информирам граѓаните дека кризната состојба нема никаква врска со полицискиот час. Останува препораката од Владата после 22 часот да не се движиме, освен ако имаме најнеопходна потреба. Да ги почитуваме и сите мерки за заштита. Дефинитивно очекуваме луѓето да ја почитуваат сама по себе кризната состојба, бидејќи, кога се прогласува кризна состојба, има дебели причини зошто тоа се прави тоа“,
рече Заев.
Министерот за здравство, Венко Филипче го повтори ставот дека смета оти засега нема потреба од полициски час, туку е важно да се почитуваат основните мерки за носење заштитна опрема и избегнување на групирања.
„Ние целиот изминат период имаме некаква форма на рестриктивни мерки. На почетокот имаше едни сознанија за вирусот, сега има други. Рестрикција во движењето, во смисла на полициски час, сметаме дека нема да има никаков ефект. Треба да се превенираат групирања и да се носат маски и на отворено и на затворено. Тоа се основните принципи за превенција и спречување на ширење на вирусот. Сега, после 22 часот нема движење, не е времето убаво и има забрана за групирање во текот на целото деноноќие. Така што, добро се димензионирани мерките, еве за две недели се намали факторот на преносливост и очекувам дека ќе има и дополнителен ефект и во периодот во што следува“,
рече Филипче.