„Проектот за Универзалната сала е професионално сработен и одобрен низ повеќе постапки од стручни лица и целосно е безбеден“, реагира Социјалдемократскиот сојуз во однос на денешната изјава на градоначалничката Арсовска оти проектот за реконструкцијата на Универзалната сала бил полн со пропусти одобрени од претходното градско раководство
Целосно е неточно дека проектот за изградба на Универзална сала е небезбеден. Проектот е професионално сработен и одобрен низ повеќе постапки од стручни лица и целосно е безбеден, реагира Социјалдемократскиот сојуз, а во однос на денешната изјава на градоначалничката Арсовска оти проектот за реконструкцијата на Универзалната сала бил полн со пропусти одобрени од претходното градско раководство.
„Самиот проект уште на почетокот е пратен на мислење на Градежен факултет од каде е одобрен и тоа одобрување Град Скопје го има. Понатаму, пратен и одобрен и од Институтот за сеизмолошки истражувања со што се потврдува неговата безбедност и стабилност за градба. Надзорот на изградбата ги има исто така одобрено сите градежни зафати. Не постои ниедна постапка или процедура за изградба на Универзална сала која не е запазена во целост“,
стои во реакцијата на СДСМ.
Оттаму додаваат оти записници за технички решенија во тек на градба не се и не може „градежен безбедносен проблем“ да бидат оправдување за неспособноста на Арсовска.
„Јавно ја прашуваме, што се крие зад стопирање на проектот? Која е вистината, има ли бизнис интереси Арсовска и нејзиниот шеф Христијан Мицкоски од блокирањето на сите проекти започнати од власта на СДСМ?“,
додаваат од СДСМ.
Претходно денеска, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, при посетата на Универзалната сала, на прес-конференција истакна оти темпото на реконструкција на Универзалната сала е забавено поради недостатоците кои биле пронајдени во проектната документација, а не соодветствувале со фактичката состојба со објектот, за што го обвини претходното градско раководство.
„Сведоци сме на половични решенија од претходното раководство, на избрзани проекти без имплементација. Проектот нема да застане, туку се ќе се спроведе онака како што треба, но со решенија кои се безбедни и сигурни за граѓаните“,
истакна Арсовска.