Процесот на уставни измени не може да биде процес на уцени и на дневна политика, туку напротив. Ова треба да биде процес на широк општествен и политички консензус кој нема да биде предмет на дневни прес-конференции, вели Ковачевски
Премиерот не планира да има поединечни разговори со пратениците од опозицијата затоа што тоа не го практикувал ниту со неговите сопартијци
Не е точно дека има пратеници од владејачката СДСМ кои се против уставните измени, вели премиерот Димитар Ковачевски и вели дека тоа што го кажува опозицијата нема никаква реална основа.
„Тоа е одговор на промашените тези кои ги имаат и немајќи сега што да кажат, велат дека има други пратеници и тоа не е точно. Тие имаа во декември, јануари, до средината на февруари изјави дека имаат 61 пратеник во Собранието и дека реконструкцијата што јас ќе ја поднесам, нема да помине. Сите се уверивме дека таа реконструкција помина со зголемено парламентарно мнозинство што сега е 65 пратеника. Што значи дека тоа што го кажува опозицијата нема никаква реална основа“,
рече Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање дали е сигурен дека сите пратеници од СДСМ ќе гласаат за уставни измени и колку се блиску или далеку до тие 80 пратеници.
Ковачевски уште еднаш повтори дека уставните измени се обврска на секоја политичка партија која е за зачленување на државата во ЕУ.
„Амандманите кои се дел од преговарачката рамка и кои се дел од одлуките кои треба да се донесат со две третини во Собранието, се само една од одлуките кои се носат со двотретинско мнозинство. До зачленување во ЕУ, нас ни претстои реформа на правосудниот, обвинителскиот систем, реформа на јавната администрација, реформа на децентрализацијата и тоа се одлуки кои се носат со двотретинско мнозинство. Затоа овој процес не може да биде процес на уцени и на дневна политика, туку напротив. Ова треба да биде процес на широк општествен и политички консензус кој нема да биде предмет на дневни прес-конференции“,
додаде Ковачевски.
Премиерот повторно го нагласи и бенефитот што го имаат државите членки на ЕУ.
„Добро се сеќавате каде беа Романија, Полска, Чешка, Словачка во времето кога тие беа дел од Варшавскиот договор, ние за нив бевме неколкукратно повеќе развиена земја како дел од Југославија. Заради зачленувањето во ЕУ и единствено заради тоа, нивните стандарди пораснаа, се отворија поголем број на компании. Секоја компанија која е регистрирана во земја членка на ЕУ е дел од заедничкиот пазар од половина милијарда купувачи и затоа тие економии пораснаа толку многу што наши граѓани сега што сакаат да работат во ЕУ, работат во Чешка, Словачка и други држави“,
нагласи премиерот.
Според него не треба да постои декларативна поддршка без реална поддршка, а она што го има од опозицијата, како што рече, е единствено декларативна поддршка.
„Тие не поддржаа ниту една одлука за зачленување во НАТО, не поддржаа ниту една до сега одлука за зачленување во ЕУ. Најеклатантен пример е гласањето на договорот Фронтекс, кој ни него не го гласаа. Затоа треба да седнат да размислат и она што декларативно го кажуваат да го покажат реално. Јас верувам дека во нашата опозиција има пратеници, политички структури, личности кои сакаат да ја видат оваа држава во ЕУ“,
додаде Ковачевски велејќи дека кај опозицијата сè повеќе гледа дека еден став има претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, а друг став има поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето дали планира да има поединечни разговори со пратениците од опозицијата или, пак, ќе има средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да го убеди целата пратеничка група да гласа за уставни измени, Ковачевски рече дека лидерска средба нема да биде свикана од него затоа што во моментов нема потреба од такво нешто.
„Сите пратеници, па и лидери на политички партии ќе ви кажат дека јас поединечни средби не одржувам. Тоа се однесува како на пратениците од мојата пратеничка група така и на сите други. Одвоени средби не практикувам ни сега ни во иднина“,
одговори премиерот.
ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски, мора да одлучи дали тоа што го зборува по амбасади – дајте ни власт и безусловно ќе го промениме уставот – ќе го каже и пред народот.
„Дали ги лажат амбасадите или го лажат народот. Прво тоа да го одговорат, па потоа може да продолжиме со дискусијата“,
рече Ковачевски.