На веб-страницата на ЈП „Национални шуми” стои дека се бараат 12 дрвосечачи Албанци, за работно место во Берово и во други општини каде што речиси и нема албанско население, како Крива Паланка, Демир Капија, Кавадарци
На еден ден пред крајот на годината општините, подружниците на министерствата, како и јавните претпријатија бараат дури 127 работници, за што имаат објавено огласи во денешните дневни весници.
Најмногу работници или 53 лица за вработување, според огласите објавени денеска во дневните весници, бараат подружниците на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Но, 157 работници пред избори бара и АД Водостопанство.
Претходните денови и ЈП “Национални шуми” распиша конкурси за вработување на 355 лица.
Во најголем дел од огласите се бара пријавените да бидат од албанска или од турска националност, па дури и за места каде што на Пописот нема регистрирано жители со таква националност.
На веб-страницата на ЈП „Национални шуми” стои дека се бараат 12 дрвосечачи Албанци, за работно место во Берово и во други општини каде што речиси и нема албанско население, како Крива Паланка, Демир Капија, Кавадарци.
Етничката припадност е професија само на Западен Балкан, никаде на друго место, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за огласот на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), каде што е наведено вработување на одредени националности.
„Јас не можам стручно да одговорам. Законот, тоа е законот. Значи, огласот мора да е според законот. Инаку, да, јас сум кажал многу пати етничка припадност не може да биде професија. Етничка припадност е професија само на Западен Балкан, никаде на друго место. Ќе ви дадам пример, кога беше пандемијата од ковид-19, голем број на наши граѓани имаа потреба од Инфективната клиника. И таму, ако се сеќавате, беа Демири, Цана и Стефановиќ, така што етничка припадност не игра улога во професионалност. Тоа сакам да го кажам“,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека во патоказите за преговорите во ЕУ, и овој дел е адресиран.
Пред неколку дена голем револт во јавноста предизвика и огласот за вработување на шест специјалисти во Клиниката за гинекологија, со главен критериум, исто така, етничка припадност.
Министерот за здравство Фатмир Меџити кажа дека пред објавувањето на конкурс, огласот се одобрува од Управниот одбор на клиниката од која е огласот.
„Според член 5 од Законот за вработени во јавниот сектор предвидува обврска за планирање на вработување на јавниот сектор согласно начело за соодветна и правична застапеност. Во член 20 од истиот закон е предвидено прераспределба на планирани вработувања да биде соодветно за одржување на правичната застапеност. Ова го предвидува законот. Но, сепак, се согласувам со вас дека искуството и знаењето е пред сѐ“,
рече Меџити.