Стратегискиот концепт на НАТО е документ кој се ажурира секоја деценија и е втор најважен документ на Алијансата. Претходниот Стратегиски концепт на НАТО беше усвоен во 2010 година, а во тој документ Русија беше оценета како партнер
Шефовите на земјите членки на НАТО денеска во Мадрид го усвоија новиот Стратегиски концепт на Алијансата со кој се поставени приоритетите и клучните задачи за следната деценија.
Како што се наведува, новиот Стратегиски концепт ја опишува безбедносната средина со која се соочува Алијансата и ја наведува клучната цел на НАТО да обезбеди квалитетна колективна одбрана.
„Документот поставува три клучни задачи за НАТО во следната деценија. Тоа се одвраќање и одбрана, спречување и управување со кризи и кооперативна безбедност“,
се вели во соопштението.
Како што претходно беше најавено, во Стратегискиот концепт Руската Федерација се оценува како „директна закана“.
„Документот ја дефинира Русија како најзначајна и најдиректна закана за безбедноста на сојузниците, а по првпат се занимава и со Кина и предизвиците што Пекинг ги поставува за безбедноста, интересите и вредностите на сојузниците“,
се наведува во новиот концепт.
Исто така, во документот се споменува борбата против климатските промени како прашање кое се дефинира како дефинирачки предизвик на новото време.
Стратегискиот концепт на НАТО е документ кој се ажурира секоја деценија и е втор најважен документ на Алијансата. Со Стратегискиот концепт НАТО ги реафирмира вредностите на Алијансата, дава колективна процена на безбедносните предизвици и ги насочува политичките и воените активности.
Претходниот Стратегиски концепт на НАТО беше усвоен на состанокот во Лисабон во 2010 година, а во тој документ Русија беше оценета како партнер.