Дополнителните 200 војници ќе се приклучат на британскиот контингент од 400 војници кои дејствуваат во Косово
НАТО објави дека испраќа уште 200 дополнителни војници во Косово како дел од мировната мисија КФОР. Оваа распределба е одобрена вчера на барање на врховниот командант на сојузничките сили за Европа.

Дополнителните 200 војници ќе се приклучат на британскиот контингент од 400 војници кои во моментов се присутни во Косово.
„По барање на Врховниот командант на сојузниците во Европа (SACEUR) и одобрение од Северноатлантскиот совет, Обединетото Кралство ќе распореди околу 200 војници од Првиот баталјон на кралскиот полк на принцезата од Велс во наредните денови за да му се приклучат на британскиот контингент од 400 лица кои веќе се во земјата“,
се вели во соопштението.
Адмирал Тони Радакин, началник на Генералштабот на одбраната, вели дека распоредувањето на Првиот баталјон на кралскиот полк на принцезата од Велс ја покажува реакцијата на вооружените сили на Обединетото Кралство.
„Ние продолжуваме да бидеме основен дел од НАТО-алијансата споделувајќи ја нашата воена експертиза и сила. Проширувањето на нашата поддршка за косовските сили (КФОР) ја нагласува нашата непоколеблива посветеност на НАТО и безбедноста на регионот на Западен Балкан. Под команда на НАТО и работејќи заедно со другите сојузнички национални сили, силите на Обединетото Кралство ќе бидат достапни за спроведување операции во согласност со мандатот на КФОР за одржување безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе во Косово“,
додава Радакин.

Алијансата потврди дека ќе следува дополнително засилување на војниците на КФОР и од другите земји членки.
„Одлуката уследи по нападот врз косовската полиција на 24 септември и ги зголеми тензиите во регионот“,
потврди портпаролот на Алијансата, Дилан Вајт, во соопштението испратен до медиумите.
Тој наведува дека оваа одлука е внимателен чекор за да се осигури дека силите на КФОР ги имаат потребните капацитети за исполнување на нивниот мандат и истовремено ги повика властите во Белград и Приштина да се вратат на дијалогот.
„Ги повикуваме Белград и Приштина повторно да се вклучат во дијалогот со посредство на Европската Унија, што е единствениот начин да се постигне траен мир и стабилност за сите заедници. Сите страни, исто така, треба да се воздржат од запалива реторика, која е контрапродуктивна и ризикува дополнително да ги влошува тензиите“,
се вели во писмена изјава на портпаролот на НАТО.
Ова е второ засилување на војниците на НАТО во Косово за една недела и во светло на нападот што се случи на 24 септември на северот на земјата, во кој загина старешнина на косовската полиција и беа убиени тројца припадници на вооружената група.