На состанокот ќе учествува и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, кој, исто така, ќе ги посети американските трупи во Полска
Министрите за одбрана на НАТО одржуваат состанок денеска и утре во Брисел на кој, со оглед на околностите, главна тема треба да биде кризата во односите со Русија, по стационирањето 130 000 руски војници на границата со Украина.
Се очекува министрите за одбрана на 30. земји членки да покренат план за формирање четири мултинационални борбени групи во југоисточна Европа, како одговор на руското воено засилување во Украина, изјавиле тројца дипломати за Ројтерс. Овој потег ќе биде најголемата промена на позицијата на НАТО откако ги постави своите борбени групи во Естонија, Литванија, Летонија и Полска – поддржани од тенкови, противвоздушна одбрана и единици за разузнавање и надзор – како одговор на руската анексија на Крим во 2014 година.
На состанокот, кој ќе биде со физичко присуство, а со кој ќе претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ќе учествува и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин. Тој ќе ги посети американските трупи во Полска бидејќи Вашингтон останува фокусиран на ризикот од голема руска инвазија на Украина.
Остин ќе отпатува и во Литванија, која на Украина и испорачала противвоздушни ракетни системи и муниција „Стингер“. До посетата на Остин доаѓа откако Русија соопшти дека некои нејзини воени единици се враќаат во своите бази по вежбите во близина на Украина. Не е јасно колку единици се повлекуваат и на која далечина.