Според претседателката на Советот на јавните обвинители, дописот на Крстевска-Цалева, во кој таа ги наведува причините за ваквото барање, бил краток. Имено, обвинителката навела дека бидејќи од скоро време е во Вишото јавно обвинителство и сака да се посвети на предметното работење, бара да биде ослободена од обврската за раководење со ова обвинителство и неа да ја преземе друг обвинител
Обвинителката Наташа Крстевска-Цалева, која беше определена да раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје додека трае постапката против Мустафа Хајрулахи, бара да биде ослободена од обврската. За ова таа вчера преку допис насловен „Молба, барање” го известила Советот на јавни обвинители, за што на денешната седница на ова тело информира претседателката, Душица Димитриеска.
Според претседателката на Советот на јавните обвинители, дописот на Крстевска-Цалева, во кој таа ги наведува причините за ваквото барање, бил краток. Имено, обвинителката навела дека бидејќи од скоро време е во Вишото јавно обвинителство и сака да се посвети на предметното работење, бара да биде ослободена од обврската за раководење со ова обвинителство и неа да ја преземе друг обвинител.
Членовите на Советот одлучија да го разгледаат барањето на Крстевска-Цалева и да донесат одлука на следната седница. Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, кој е член на Советот и беше присутен на денешната седница, во изјава за медиумите по нејзиното завршување, прашан за коментар на барањето на Крстевска-Цалева, рече дека таа била назначена на негов предлог сметајќи дека ќе придонесе за нормализирање на меѓучовечките односи во ВЈО Скопје кои, како што кажа, се нарушени.
Прашан дали можеби има други причини за нејзиното барање, како политички притисоци, Коцевски рече дека за нејзиниот допис дознал денеска на седницата и оти бил изненаден.
„Мене таа не ми има кажано ништо. Денеска дознав и бев изненаден”,
рече Коцевски.
Наташа Крстевска-Цалева за раководител на ова јавно обвинителство едногласно беше избрана од Советот на јавните обвинители на 10 февруари, на предлог на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Нејзиното назначување дојде по суспензијата на шефот на скопско јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран од функцијата и против кого се води кривична и дисциплинска постапка.
Еден ден по изборот на Крстевска-Цалева, владината портпаролка Марија Митева соопшти дека Владата на седницата одржана истиот ден (11 февруари) го задолжила Министерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Меѓу аргументите за донесената одлука, покрај последниот извештај на „Транспаренси интернешнл“ за перцепцијата на корупција, Митева го наведе и, како што рече, последното именување на вршител на должноста шеф на Вишото јавно обвинителство, односно назначувањето на Крстевска-Цалева, одлука која според Владата била незаконска.
На наводите на Владата реагираше самиот државен јавен обвинител кој во писменото соопштение кажа дека воопшто не е избран вршител на должност, како што вели Владата, туку раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје – нешто што се случувало и во минатото. Законот за јавно обвинителство пропишува дека има неколку „патишта“ по кои може да се отпочне процедура за предвремено разрешување на државниот јавен обвинител. Освен што треба да постои тешка дисциплинска повреда или членство во партија, сите модуси за разрешување предвидуваат дека и Советот на јавни обвинители треба да даде мислење за таква иницијатива.