Системот, рече портпаролот на КЗБ, Злате Мехмедовиќ, би требало да биде наскоро целосно функционален за да можеме да се справиме со евентуална епидемија на овие сипаници. Меѓутоа, напомена дека тоа не значи дека оваа епидемија или овие стотина случаи кои се во светот треба да бидат земени како паралела на она што е сè уште актуелно со ковид
Освен дијагностичките тестови кои детектираат мајмунски сипаници, а кои треба допрва да се набават, портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ додаде и дека во преговори и во контакт со СЗО се разговара за набавка на терапиите кои може да бидат земени предвид, односно вакцините и лекот кој е специфичен за мајмунските сипаници
Целта на Комисијата за заштита од заразни болести е да го подготвиме системот што е можно подобро за да одговориме на евентуална епидемија со мајмунски сипаници и во нашата земја, изјави денеска портпаролот на Комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ, кој додаде дека на денешниот состанок биле дискутирани клиничките патеки за следење, скрининг, дијагностика и третман на пациентите кои ќе бидат евентуално заболени од мајмунски сипаници и што би требало и понатаму да се преземе за да можеме да имаме поподготвен здравствен систем.
Комисијата, посочи Мехмедовиќ, покажа загриженост затоа што имаме ширење на мајмунските сипаници во светот и тоа надвор од оние енедемични базени како што е Централна и Западна Африка. Тој посочи оти светот, Светската здравствена организација (СЗО) и сите релевантни институции што ги следат заразните болести, исто така, покажуваат одреден степен на загриженост во однос на тоа како се шират мајмунските сипаници.
„Оваа пандемија којашто се јавува во светски размери со мајмунските сипаници не е порпорционално идентична со пандемијата на ковид со која живеевме во последните две години, меѓутоа, со оглед на тоа што сакаме да бидеме подготвени како систем, па веројатно и светот тоа така го практикува, ние го применуваме тоа и во нашата земја. Договоривме внимателно да ја следиме ситуацијата и да обезбедиме практично сè што е потребно и за навремена дијагноза и за третман на евентуални пациенти кои би биле и во нашата држава“,
посочи портпаролот на КЗБ, д-р Злате Мехмедовиќ.
Како што посочи Мехмедовиќ, иако вирусот со мајмунски сипаници во светот постои речиси половина век, дијагностичките и терапевтските процедури што се достапни во светот се оскудни во овој дел од европскиот континент, па, како што додаде, сите земји имаат проблеми во моментот да обезбедат квалитетна дијагностика и третман на своите пациенти.
„Меѓутоа, од аспект на тоа да се обезбеди таква квалитетна дијагностика и третман Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) уште минатата недела стапи во контакт со СЗО, за да се обезбедат посебни тестови за дијагностицирање на мајмунските сипаници. Тоа е преку ПЦР-тестирање, меѓутоа се посебни китови коишто треба да се набават, така што тоа е во процедура да се обезбеди“,
додаде тој.
Освен тестови кои детектираат мајмунски сипаници, а кои треба допрва да се набават, Мехмедовиќ додаде и дека во преговори и во контакт со СЗО се разговара за набавка на терапиите кои може да бидат земени предвид, односно вакцините и лекот кој е специфичен за мајмунските сипаници.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа кои се симптомите на мајмунските сипаници, портпаролот на Комисијата рече дека симптомите не се разликуваат од другите вирусни инфекции или вируси кои се поврзани со сипаници. За оваа болест, истакна Мехмедовиќ, претежно е карактеристична промена на кожата во форма на мали испакнатини или меурчиња кои можат да станат гнојници, а на крај стануваат красти. Придружно, како што додаде, се јавуваат симптоми како што е висока температура над 38,5 степени, лимфоаденопатија, болки во мускулите, болки во грбот и генерална омалаксаност на телото.
„Решението во тоа дали е точна дијагностиката лежи во ПЦР-тестирањето, оние китови што ги спомнав и кои треба да бидат достапни и во наредниот период кај нас“,
додаде тој.
Системот, рече Мехмедовиќ, би требало да биде наскоро целосно функционален за да можеме да се справиме со евентуална епидемија на овие сипаници. Меѓутоа, напомена дека тоа не значи дека оваа епидемија или овие стотина случаи што се во светот треба да бидат земени како паралела на она што е сè уште актуелно со ковид.
„Не би сакале да креваме паника. Ние како институции сме загрижени. Комисијата редовно ја следи состојбата и доколку има какви било промени сигурно е дека на време ќе реагираме“,
заклучи Мехмедовиќ.