„Го повикувам премиерот од денес да дејствува како техничка влада и да не презема никакви мерки што ќе ѝ ги врзат рацете на следната влада“, порача Петер Маѓар, лидерот на опозициската Тиса која победи на денешните парламентарни избори во Унгарија

Драги сонародници, Унгарци, успеавме. Тиса и Унгарија победија на овие избори. Не со малку, туку со многу.
Вака Петер Маѓар го започна својот победнички говор доцна вечерва на плоштадот Батањи, спроти парламентот во унгарската престолнина Будимпешта, објави 24.ху.
На насобраните илјадници поддржувачи тој им порача дека заедно го собориле режимот на досегашниот премиер Виктор Орбан и ја ослободиле Унгарија.
„Нашата победа не се гледа од Месечината, туку од секој унгарски прозорец. Без разлика дали е во најмалата куќа или во повеќекатна станбена зграда, во голем град или во село, таа е видлива од секој прозорец“,
рече тој.

Маѓар рече дека во историјата на демократска Унгарија никогаш не се гласало како денеска, а ниту една партија досега не добила толку силен мандат како Тиса. Според него, партијата освоила околу три милиони и 300 илјади гласови, што укажува на силно двотретинско мнозинство. „Денес направивте чудо, денес Унгарија испиша историја“, порача Маѓар.
„Победивме денес бидејќи унгарскиот народ не праша што неговата земја може да направи за него, туку праша што вие можете да направите за вашата земја. И не само што прашавте, туку и го најдовте одговорот, го направивте она што земјата го бараше. (…) Унгарците денес кажаа ‘не’ на измамата и на предавството. Пред две години, неколку луѓе тргнаа на пат и на крајот дозволија љубовта да триумфира во битката меѓу Давид и Голијат, бидејќи на крајот, љубовта секогаш победува“,
рече тој.
Според него, секој Унгарец во своето срце чувствува дека ова е прекрасна и заедничка победа бидејќи, како што рече, татковината одлучи и сака повторно да живее. Рече дека сака земја во која граѓаните можат да се потпрат на својата влада, во која секој има пристап до соодветна здравствена заштита, безгрижно детство и достоинствена старост.

Маѓар упати порака до премиерот и до претседателот на Унгарија.
„Го повикувам премиерот од денес да дејствува како техничка влада и да не презема никакви мерки што ќе ѝ ги врзат рацете на следната влада. Доколку се појават какви било прашања за време на транзицискиот период, ве молам контактирајте ме, го знаете мојот телефонски број. Исто така, го повикувам претседателот на републиката да побара од мене да формирам влада, а потоа да си поднесе оставка. И ги повикувам сите негови марионети да го сторат истото“,
порача Маѓар.
Прославата во Будимпешта и натаму трае, а говорот на Маѓар заврши со огномет над водите на реката Дунав.
Денеска во Унгарија се одржаа парламентарни избори на кои падна владејачката Фидес на премиерот Виктор Орбан по 16 години власт. Победничка партија е опозициската Тиса на Петер Маѓар.
Според првичните информации на Националната изборна канцеларија на Унгарија, по пребројани 96 отсто од гласовите, опозициската Тиса освоила 138 мандати, а владејачката Фидес освоила 55 мандати. Во унгарскиот парламент треба да влезат 199 пратеници. Тоа значи дека Тиса обезбеди двотретинско мнозинство.
Орбан го призна поразот, велејќи дека резулатот од изборите за нив е болен, но јасен.
