На Зибери и партијата чиј кандидат за премиер е тој им требаа три часа за да одговорат што е вистина откако информацијата беше „пуштена во оптек“
Насер Зибери, кандидатот за премиер на една политичка партија за кој медиумите објавија дека е позитивен на ковид-19, предмалку објави дека не е заразен од коронавирусот.
На својот фејсбук-профил тој објави:
„Почитувани. Ви благодарам многу за масовната грижа и поддршка, јас сум потполно здрав и добар, подготвен за новите предизвици. Ве молам да ги користете вашите телефони за разговори со семејството, пријателите, најблиските и соработниците, а не за ниска клевета, црна кампања и пропаганда на ден пред изборите затоа што не ве вреднува. Јас не сум позитивен во ковид-19 и утре во 10:00 часот ќе го искористам своето право на глас и ве повикувам сите да гласате и да не станете жртви на злонамерна пропаганда. Им посакувам здравје на сите и брзо закрепнување на сите заразени“,
напиша Зибери на својот Фејсбук профил.
Ставот на Зибери доаѓа по три часа откако информацијата излезе во медиумите. Во некои од написите се тврдеше и дека новинарите добиле потврда од партијата чиј кандидат за премиер е Зибери, дека тој е позитивен.
„360 степени“ во повеќе наврати се обиде да добие одговор од Зибери, но и од партијата чиј кандидат за премиер е тој, почнувајќи од шефот на избирачкиот штаб па се до други високи функционери.