По утврдувањето на предлогот од страна на Комисијата, сега ова собраниско тело ќе му предложи на парламентот на пленарна седница го избере Зибери за нов народен правобранител
Насер Зибери, кого во кампањата за предвремените парламентарни избори во јули 2020, ДУИ го промовираше како кандидат за прв премиер Албанец, најверојатно ќе биде народен правобранител.

На денешната седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, со седум гласа „за“ тој беше утврден како предлог-кандидат за нов народен правобранител.
На огласот за оваа функција, кој беше распишан на крајот на ноември лани, пристигнале четири кандидатури, а предлогот Зибери да биде иден народен правобранител дојде од пратеничката Биљали Зендели од ДУИ.
На предлогот реагираше пратеничката група на Алијанса на Албанците (АА) и Алтернатива. Сурија Рушити од АА побара да биде прекината постапката за избор на народен правобранител и да се разговара за друг кандидат, кој би бил предложен од партиите во опозиција на Албанците. Од двете партии велат дека на Зибери му била ветена оваа функција уште пред изборите, кога се нафатил да биде премиерски кандидат на ДУИ.
По утврдувањето на предлогот од страна на Комисијата, сега ова собраниско тело ќе му предложи на парламентот на пленарна седница го избере Зибери за нов народен правобранител.
Оваа функција во изминатите 16 години ја извршуваше Иџет Мемети. Откако му заврши вториот мандат, тој пред еден месец беше изгласан за нова функција – член на Советот на јавни обвинители.
Инаку, на дневен ред на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на денешната седница е и утврдувањето на листата на пријавени кандидати за избор на претседател и членови на Државната изборна комисија (ДИК).

Според информациите кои ги објави државната агенција МИА, пристигнати се пријави од 14 кандидати меѓу кои има и поранешни и актуелни членови, но и вработени во службите во Комисијата и правници. Досега само ВМРО-ДПМНЕ ја потврди поддршката за Александар Даштевски за претседател на ДИК.
Според процедурата, откако денеска Комисијата за прашања на избори и именувања ќе ја утврди листата на кандидати, ја испраќа до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој пак во рок од три дена ја препраќа до партиите кои треба да се изјаснат кои кандидати ги поддржуваат за членови на највисокото изборно тело во државата. Листата со поддржани кандидати се доставува назад до Комисијата за прашања на избори и именувања, која ја утврдува и потоа таа се доставуваа до пленумот кој треба да гласа. Рок за одговор од партиите нема, но постапката, според досегашите искуства, може да заврши во рок од еден ден.
Мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува на 15 јануари.