Како дел од слабостите во образовниот процес, меѓу другото, правобранителот ги наведува недостигот на учебници или користење оштетени учебници во наставата, недоволна грижа за менталното здравје на учениците, немањето образовни асистенти за учениците со попречености во средните училишта и влијанието на енергетската криза врз работата на училишта
Народниот правобранител достави информација до Министерството за образование и наука (МОН) во која ги констатира слабостите при остварувањето на правото на образование и воспитнообрзовниот процес во основните и средните училишта.
Како дел од слабостите во образовниот процес, меѓу другото, правобранителот ги наведува недостигот на учебници или користење оштетени учебници во наставата, недоволна грижа за менталното здравје на учениците, немањето образовни асистенти за учениците со попречености во средните училишта и влијанието на енергетската криза врз работата на училишта.
„Учениците кои посетуваат настава во прво, второ, четврто и петто одделение информираат дека немаат добиено комплети печатени учебници за сите наставни предмети согласно наставниот план и програма, што укажува дека учениците од овие одделенија ја започнаа учебната година со материјали за учење во печатена форма, во кои се обединети содржини од неколку наставни предмети. Народниот правобранител го нотираше и немањето учебници по наставниот предмет Англиски јазик и оваа учебна година, па наместо користење учебник, според наводите, наставниците и учениците се служат со извадоци од постари учебници и други извори на материјали согласно наставната програма. Сознанијата на Народниот правобранител се дека години наназад нема официјално одобрени учебници по англиски јазик“,
се наведува во информацијата.
Освен недостаток на учебници, учениците се пожалиле и оти дел од добиените учебници се оштетени до степен на неупотребливост, поради што родителите имаат дополнителен трошок при печатење на електронските верзии на учебниците. Во таа насока правобранителот укажува и на актуелниот Закон за учебници за основно и средно образование, според кој, учебникот може да биде во употреба пет учебни години, освен учебниците во кои има содржини со пишување, боење, сечење и лепење, како и учебниците за прво, второ и трето одделение.
Дополнително, правобранителот укажува и на загриженоста на дел од родителите на хронично болните деца или другите членови на семејството поради ризик од зараза со ковид-19 во училиштата, а со тоа и влошување на здравствената состојба, со оглед на се уште актуелната пандемија со коронавирусот.
„Заради непречено образование без да се доведе под прашање здравјето на хронично болните деца, но и здравјето на хронично болните лица во семејствата на учениците како лица во ризик, дел од родителите побараа интервенција со цел да се даде можност и оваа учебна година да продолжи настава со учење од далечина за овие деца“,
се наведува во информацијата на Народниот правобранител.
Во таа насока, правобранителот му препорачува на МОН да побара стручно мислење од Комисијата за заразни болести во однос на начинот на следење на настава на хронично болни деца ученици и на ученици кои имаат хронично болни лица во нивните семејства.
Извештајот на Народниот правобранител се осврнува и на трагичниот настан во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје, за кој вели дека ја потресе јавноста и отвори многу прашања кои бараат сериозна анализа, меѓу кои и прашањето за грижата за менталното здравје на учениците и колку е тоа предмет на анализа и работа на наставниот и стручниот кадар од училишните служби.
Мал број од учениците, се констатира, имале поддршка од страна на педагошко-психолошката служба, и во мал број на училишта се одржале предавања на тема подобрување на психолошката добросостојба.
„Следствено на тоа, вработените во училиштата, наставниот кадар и стручните тимови, со оглед на значајната улога во процесот на заштита на децата, на потребите и грижите на децата потребно е да им пристапуваат чувствително грижејќи се за нивните права, приватност и достоинство“,
се наведува во Извештајот.
Народиниот правобранител посочува дека е потребна заштита на менталното здравје, како и безбедноста на учениците во училиштата и надвор од нив. За тоа, како што се наведува, потребно е континуирано преземање мерки и активности од МОН во соработка со другите ресорни министерства (Министерство за здравство, МТСП), а во координација со со училиштата, институциите за заштита на децата, како и локалните самоуправи
„Исто така, стручните соработници во училиштата, потребно е да бидат едуцирани и обучени за рано откривање на проблеми во менталното здравје на децата, да ги препознаат знаците од нарушено ментално здравје, со цел превенција, спречување и минимизирање на немили настани кои го загрозуваат здравјето, добросостојбата, и животот на учениците, со почитување на правата на децата и нивниот најдобар интерес“,
се додава.
Во извештајот Народниот правобранител меѓу другото ја поздрави одлуката на МОН за воведување на 720 образовни асистенти во општинските основни училишта, што, како што се наведува, е значајно зголемување на бројот на ангажирани асистенти во споредба со минатата година. Сепак, проблем кој е нотиран и оваа учебна година е тоа што за учениците со попреченост кои следат настава во средните училишта не се обезбедени образовни асистенти како системско и трајно решение.
„Загрижува тоа што за учениците со попреченост во средните училишта образовни асистенти ќе се обезбедуваат со поддршка на УНДП преку вклучување на евидентираните невработени лица од Агенцијата за вработување на РСМ во програмата за Општинско-корисна работа, а според сознанијата на Народниот правобранител само неколку општини во државата во август објавија јавни повици за ангажирање на образовни асистенти, при што ангажманот е во времетраење од девет месеци за што ќе добиваат паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9 000 денари, поради што постои голема незаинтересираност од страна на потенцијалните кандидати. Според сознанијата, потенцијалните кандидати кои ќе ја испорачуваат оваа услуга воопшто и не се проценуваат врз основ на нивните професионални квалификации и компетенции, а ќе даваат поддршка во учењето на деца со попреченост што секако претставува одговорна задача која треба максимално посветено и професионално да се работи“,
укажува Народниот правобранител.
Исто така, проблем на кој посочиле подносители на претставки кај Народниот правобранител е тоа што за учениците со попреченост од државните средни училишта кои се под ингеренции на МОН, воопшто не е можно добивање образовна асистенција, па тие и во текот на оваа учебна година остануваат без потребната поддршка, со што се повредува правото на квалитетно образование и се доведуваат во нееднаков третман со другите ученици, што е спротивно на Конвенцијата за права на детето и Конвенцијата за права на лицата со попреченост.
Во таа насока, Народниот правобранител препорачува интензивирање на активностите на МОН со цел донесување нов Закон за средно образование и негово усогласување со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, а во таа насока поддршката за учениците со попреченост во средното образование да биде утврдена како системско решение.
„Дотогаш, со оглед дека учебната година е во тек, Народниот правобранител препорачува Министерството согласно надлежностите да ги преземе сите мерки заради овозможување непречено образование и поддршка од образовен асистент за секое дете со попреченост кое следи настава во државните средни училишта кои се под ингеренција на Министерството, додека, пак, во соработка со локалната самоуправа да се изнајде решение за учениците со попреченост вклучени во општинските средни училишта“,
наведува Народниот правобранител.
Во извештајот правобранителот се осврнува и на енергетската криза во државата од аспект на непречено остварување на правото на образование. Во таа насока се укажува дека е потребно МОН во соработка со локалната власт, директорите на училиштата на локално и централно ниво, преку спроведување сеопфатна анализа, да ја согледа моменталната состојба за подготвеноста на училиштата за грејната сезона, се со цел непречено реализирање на воспитнообразованиот процес за децата во зимски услови.
„Според Народниот правобранител, потребно е да се преземат сите мерки заради непречено одвивање на наставниот процес во училиштата, при што со особено внимание да се следат ефектите на мерките во услови на енергетска криза и секако влијанието на истите врз правата на детето, потсетувајќи дека донесувањето на која било мерка која ги засега децата да биде претходно разгледана и од аспект на најдобриот интерес на детето, со цел непречено и квалитетно образование на секое дете“,
стои во iзвештајот за согледаните состојби во образованието, која Народниот правобранител му ја достави на Министерството за образование и наука.