Народниот правобранител го повика Државниот просветен инспекторат да им наложи на училиштата веднаш да им ги вратат на родителите парите за издавање свидетелство. Од кабинетот на Народниот правобранител ги повикаа сите на кои им било наплатено, а нема да им бидат вратени парите, да се обратат на бесплатната телефонска линија 0800 88 500 за заштита на своите права.
„Некои училишта не ги земаат предвид сериозно реакциите на Народниот правобранител, кој и минатата година јавно укажа дека свидетелството претставува јавна исправа која во еден примерок му се издава на ученикот, и за издавање на истото училиштата не смеат да ги условуваат учениците, односно родителите/старателите со претходно уплаќање на определени средства“,
информираат од кабинетот на Народниот правобранител.
Од Кабинетот на Народниот правобранител повикувајќи се на уставно загарантираното право на образование кое согласно законската регулатива е задолжително и бесплатно, укажуваат до надлежните органи – Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат веднаш да ги предупредат училиштата дека не смеат да наплаќаат за издавање на овој документ и да ги санкционираат сите кои ќе го сторат тоа, односно ќе го прекршат законот.
Во соопштението на Народниот правобранител се додава дека недозволиво е училиштата да го користат моментот кога децата и родителите имаат краток временски рок за обезбедување на потребните документи за упис и да ги принудат да платат за добивање документ кој според сите прописи е бесплатен.