Извештајот од комисијата, како што рече министерот, ќе се испрати и до Клиниката за детски болести и до Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“, како и до Етичката комисија на Лекарската комора, каде што се надева дека ќе биде разгледан сериозно и дека ќе се преземат сериозни мерки
Констатирани се системски, технички и стручни недостатоци во случајот со смртта на 14-месечното бебе, велат извештаите при направениот стручен надзор во Клиниката за детски болести и Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“. Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за здравство Арбен Таравари, на која ги изнесе извештаите за починатата родилка во Општата болница во Куманово, како и за смртта на 14-месечното бебе на Детската клиника во Скопје.
Според министерот, извештаите се подготвени од професионални и компетентни специјалисти од соодветните области со цел детално да се анализира севкупниот тек на лекувањето и третман во двата случаи.

„Во делот на системски недостатоци констатирано е непостоење на препораки или алгоритми за тријажа на пациентите при прием и понатамошен третман. Констатирана е потреба од континуирана обука на докторите на Клиниката за детски болести за срцево-респираторна поддршка. Во однос на техничките недостатоци во болницата во „Козле“ е констатирана потреба од соодветна апаратура за пружање респираторна поддршка, инвазивна и неинвазивна. Констатирана е потреба од обезбедување на видео ларингоскоп на Детската клиника, како и организирање на транспортот на пациентите од една во друга установа“,
вели Таравари.
Од аспект на стручните забелешки, според Таравари, констатиран е превид во проценката за потреба од хоспитализација при вториот преглед на бебето на Клиниката за детски болести извршен на 3 октомври годинава.
„Во ‘Козле’, пак, е констатирана неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните тешкотии и третманот“,
рече тој.
Извештајот од комисијата, рече министерот, ќе се испрати и до Клиниката за детски болести и до Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“, како и до Етичката комисија на Лекарската комора, каде што се надева дека ќе биде разгледан сериозно и дека ќе се преземат сериозни мерки.
Смета дека детето не било навреме воведено во третман за респираторна и кислородна поддршка, односно на механичка вентилација.
Бебето почина на 5 октомври на Детската клиника, а дел од медиумите пренесоа дека претходно неколкупати било одбивано да се хоспитализира, иако неговите родители трипати го носеле на преглед на оваа клиника.
За случајот со 31-годишната родилка од Куманово, која на 27 септември почина при породување на Одделението за гинекологија и акушерство во Општата болница во Куманово, Таравари рече дека комисијата не утврдила неправилности ниту при третманот на бременоста ниту при породувањето.
„Извршен е стручен надзор во Општата болница во Куманово, каде што се констатирани одредени административни и технички недостатоци, но заклучок на комисијата е дека недостатоците не можат да бидат директна или индиректна причина за акутно влошување на општата здравствена состојба на пациентката, на исходот по новороденчето и смртниот исход на родилката“,
рече тој.
Посочи дека комисијата не констатира пропусти во пренаталниот менаџмент на пациентката од одговорните доктори во приватните здравствени установи по гинекологија каде што била следена бременоста, како и дека нема пропусти ниту во амбулантското следење во болницата во Куманово. Не се утврдени ниту пропусти во гинеколошкиот третман, односно констатирано е дека тимот при породување постапувал согласно упатствата и стандардите.