Илјадници пилоти, екипажи, ракувачи со багаж и други работници во воздухопловната индустрија беа отпуштени за време на пандемијата, а сега ги нема доволно за да се справат со враќањето на бројот на патувања
Откако по две години беа укинати рестриктивните мерки против пандемијата на коронавирус и побарувачката за патување се врати, авиокомпаниите и аеродромите во Европа, поради намалувањето на бројот на работници, се принудени да откажат летови.
Поради тековната летна туристичка сезона, патниците се соочуваат со хаотични сцени на аеродромите, вклучувајќи долги доцнења, откажани летови и непријатности поради изгубен багаж.
Најпрометниот холандски аеродром „Шипхол“ објави дека ги скратува летовите и има илјадници патници дневно над капацитетот што може да го поднесе безбедносниот персонал.
Извршниот директор на „Ер Франс-КЛМ“, Бен Смит, изјави дека можеби ќе поминат неколку месеци додека „Шипхол“ има доволно персонал за да ја издржи побарувачката.
И лондонските аеродроми „Гетвик“ и „Хитроу“ бараат од авиокомпаниите да го ограничат бројот на летови.
Нискобуџетниот авиопревозникот „Изиџет“ откажува илјадници летни летови за да избегне откажувања во последен момент, како резултат на ограничувањата во „Гетвик“ и „Шипхол“.
Околу 2 000 лета се откажани од главните аеродроми во континентална Европа во текот на една недела овој месец, а околу девет отсто се откажани од „Шипхол“, објави воздухопловната компанија „Сириум“.
Од аеродромите во Велика Британија откажани се уште 376 лета, а летовите од „Хитроу“ сочинуваат 28%, се наведува во соопштението. Во „Хитроу“, „море“ од неподигнат багаж го прекри подот на терминалот минатата недела.
Аеродромот обвини за технички грешки во системот за багаж и побара од авиокомпаниите да намалат 10 отсто од летовите до двата терминали во понеделник, што опфаќа околу 5 000 патници.
Слична е ситуацијата и во САД, каде што авиокомпаниите минатата недела откажаа илјадници летови во текот на два дена поради лошите временски услови, токму кога расте бројот на летни туристи.
Илјадници пилоти, екипажи, ракувачи со багаж и други работници во воздухопловната индустрија беа отпуштени за време на пандемијата, а сега ги нема доволно за да се справат со враќањето на бројот на патувања.
Во Белгија, „Браселс ерлајнс“ соопшти дека тридневниот штрајк, кој започна вчера, ќе откаже околу 315 лета и ќе влијае на околу 40 000 патници.
Дводневните штрајкови го погодија и парискиот аеродром „Шарл де Гол“ овој месец, еден на безбедносниот персонал, а другиот на персоналот на аеродромот. Една четвртина од летовите беа откажани вториот ден.