Претходно, од Кривичниот суд упатија писмо до Управата на Казнено-поправната установа Затвор „Скопје“ изразувајќи загриженост поради тоа што меѓу одложените расправи биле и предмети од одделот за организиран криминал и корупција со повеќе од 10-ина обвинети
Поради намалениот број вработени во Затворската полиција КПУ Затвор „Скопје“, и недостигот на возила, се постапува согласно можностите и капацитетите, а од планираните 12 спроводи во текот на вчерашниот ден, реализирани се осум, додека, пак, за денеска од планираните 19 беа реализирани 16, реагираше директорот на затворот „Скопје“, Бобан Утковски, откако Кривичен претходно денеска ја прекори јавната институција оти неколку рочишта биле одложени бидејќи од затворот во Шутка не биле спроведени притвореници.
„Со оглед на бројот на возила и намалениот број на вработени во Затворска полиција КПУ Затвор ‘Скопје’ постапува и ќе постапува согласно своите можности и капцитети со оглед на тоа што Затвор ‘Скопје’ врши спровод на притворени и осудени лица покрај Основниот кривичен суд Скопје до сите судови и обвинителства низ територтијата на целата држава, и тоа Гостивар, Тетово, Кичево, Куманово, Велес, Штип, Битола, Охрид, Кочани“,
соопшти Утковски.
Денеска, во писмото на Кривичен суд упатено директно до директорот на затворот се наведува дека се загрижени поради тоа што меѓу одложените расправи биле и предмети од одделот за организиран криминал и корупција со повеќе од 10-ина обвинети, од кои дел се наоѓаат во притворското одделение на затвор „Скопје“ и за кои течат рокови по кои судот е должен да постапува. Во соопштението, оттаму нагласија дека ваквата состојба е спротивна на нивните заложби за ефикасно и економично работење.
Судот потсети и дека мерката притвор е најтешката форма на ограничување на слободата и е наменета исклучиво за обезбедување присуство на обвинетите во судските постапки, а не смее да се претвори во казна.
Во писмото до директорот на затворот, судот посочува дека и покрај сите напори и трошоци, судењата се одлагаат поради неспроведувањето на обвинетите. Како пример го наведуваат рочиштето кое било одложено денеска, иако на него присуствувале 12 обвинети, нивните бранители и јавен обвинител.