Обврската за користење на кодот НМК на регистарските таблички произлезе од Преспанскиот договор, а рокот до кога граѓаните чии регистарски таблички на возилата се со стариот код, требаше да ги заменат со нови, истекува во февруари 2024 година
Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека налепниците со новата ознака за возилата во државата НМК, ќе чинат најмногу 50 денари.
Обврската за користење на кодот НМК на регистарските таблички произлезе од Преспанскиот договор, а рокот до кога граѓаните чии регистарски таблички на возилата се со стариот код, требаше да ги заменат со нови, истекува во февруари 2024 година.
Со новата владина одлука, граѓаните ќе нема потреба да ги менуваат табличките, туку ќе добијат само лепенка со новиот код.
Од МВР велат дека согласно Рамковната спогодба за набавка на регистарски таблици, склучен бил договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците.
„Согласно решението за изменување и дополнување на решението за цените на обрасците што ги издава Министерството за внатрешни работи, објавено во Службен весник на Република Северна Македонија број 2 од 03.01.2024, цените на налепниците ќе се движат од 30 до 50 денари“, соопштија од МВР.
Владата во мај мината година одлучи наместо граѓаните да купуваат нови регистарски таблички со новиот код НМК, МВР ќе издава лепенки.
Во декември минатата година МВР информираше дека ја завршиле постапката за набавка на налепници и регистарски таблички со новата ознака НМК.
Тендерот го добила фирмата „Квантум“ од Скопје заедно со германската компанија „ЕХА Хофман интернационал“. За оваа цел, МВР ќе потроши 2,29 милиони евра (141,6 милиони денари) во период од три години колку што предвидува договорот за набавката.