Руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина, која според некои проценки изгуби 30 до 40 отсто од својот капацитет, може да доведат до „планирана хуманитарна катастрофа каква што Европа не видела од Втората светска војна“, вели украинскиот премиер Денис Шмихал во интервју за германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг
Генералштабот на украинската армија соопшти дека Русија во последните 24 часа извршила 40 ракетни напади во девет украински региони.
Киев информира дека Русите ги гаѓале целите и со 16 ирански дронови Шахед-136. Главни цели биле енергетските и индустриските капацитети. Ова се најжестоките руски ракетни напади врз Украина од почетокот на октомври.
Од друга страна, украинската армија соопшти дека во ноќта од сабота кон недела соборила 16 дронови камикази. Според воздухопловните сили на Украина, 14 ирански дронови Шахед-136 биле соборени во регионот на Миколаев, а уште два биле соборени на истокот и северот на земјата.
Украинската армија тврди дека постигнува успеси додека нејзините сили се пробиваат кон југот на земјата, каде влегле во најмалку две села напуштени од руските војници.
Што се однесува до градот Херсон, неговото значење лежи во фактот што ја поврзува Украина со полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година.
„Уште малку, држи се Херсон. Украинската армија е на пат“, напиша украинската вицепремиерка Ирина Верешчук на социјалните мрежи.
Украинскиот премиер Денис Шмихал во интервју за германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, предупреди дека Русија ја турка Украина кон хуманитарна катастрофа со напади врз енергетската инфраструктура.
„Русија сака Украина да има таква зима во која многу луѓе буквално би можеле да замрзнат до смрт“,
изјави Шмихал за весникот.
Руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина, која според некои проценки изгуби 30 до 40 отсто од својот капацитет, може да доведат до „планирана хуманитарна катастрофа каква што Европа не видела од Втората светска војна“, нагласи Шмихал.
Украинскиот премиер истакна дека поради руските напади и нивните последици Украинците би можеле масовно да побегнат во Европа.
*Насловна фотографија: ЕПА