Според ДКСК, проблемот во целата ситуација е токму тоа што најсериозниот кандидат за главен државен ревизор, Максим Ацевски, во времето кога работел во ДЗР, од една страна, правел ревизии во државни институции, а потоа приватно спроведувал обуки за вработените во истите тие институции преку Здружението на финансиски работници од Велес
Максим Ацевски е името кое дел од медиумите денеска го исфрлија како најсериозен кандидат за прв човек на Државниот завод за ревизија. Ацевски важи за фаворит меѓу вкупно 12 пријавени за позицијата, која партиите се одлучија да ја пополнат по повеќе од две години испразнетост.

Главен проблем е што во надлежната собраниска Комисија за избори и именувања власта нема мнозинство. Но и без тоа, тешко одеа преговорите меѓу владините партнери СДСМ и ДУИ – кој да ја води институцијата. Сега, се чини, за Ацевски има согласност и од власта и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Кој е Максим Ацевски?
Максим Ацевски е дипломиран економист од Велес. На неговиот профил на социјалната мрежа Линкедин пишува дека завршил факултет во 1985 година, а во Државниот завод за ревизија е од 2001 година до денес. Тој е еден од ретките ревизори што настапувал во медиумите, при што зборувал за потребата од зајакнување на капацитетите на Државниот завод за ревизија, но и за односот на надлежните институции кон неправилностите што ги регистрираат ревизорите.
Но, оваа слика ја нарушува неодамнешна одлука на Антикорупциската комисија. На 4 април 2019 година против Максим Ацевски и уште еден државен ревизор била поднесена претставка за судир на интереси до ДКСК. На 1 ноември 2019 година Комисијата донела одлука да ја запре постапката, но образложението фрла сериозна дамка врз професионалниот имиџ на Ацевски.

Во претставката до ДКСК се тврдело дека Ацевски, освен што бил државен ревизор, бил и основач и во одреден период и овластено лице на Здружението на финансиските работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија од Велес.
„Со цел проверка на основаноста на наводите во пријавата, ДКСК изврши увид во историјатот од Централниот регистар, од каде што констатира дека лицето… е основач на Здружението за финансиски работници на локалните самоуправи и јавните претпријатија… дека со текот на времето бил и во раководните структури и дека како овластен државен ревизор реализирал обуки за вработените во јавниот сектор“,
се вели во одлуката на ДКСК од 1.11.2019 година.
Според ДКСК, проблемот во целата ситуација е токму тоа што Ацевски како државен ревизор, од една страна, правел ревизии во државни институции, а потоа приватно спроведувал обуки за вработените во истите тие институции преку Здружението на финансиски работници од Велес.
„ДКСК при увидот во доставената документација утврди дека лицето… како овластен ревизор, во рамките на своите службени овластувања како овластен државен ревизор од Државниот завод за ревизија во повеќе јавни институции, буџетски корисници, вршел надзор на нивното материјално и финансиско работење и во исто време, преку здружението, во долг временски период – од неговото основање (што е видно од историјатот на Централен регистар на РСМ од 2006 година како овластено лице, сè до 2019 година) спроведувал обуки на вработените во тие институции, што е видно од документите што се добиени – листи на учесници на обуките што ги спроведувал именуваниот, со што бил во состојба на судир на интереси“
се вели во одлуката на ДКСК од 1.11.2019 година.
Иако ДКСК утврдува судир на интереси кај Ацевски, на крај ја запира постапката од едноставна причина што овој државен ревизор во меѓувреме се префрла на работа во друга институција.
„Во текот на постапувањето на ДКСК по овој предмет, ДКСК беше известена дека на лицето… му престанал работниот однос во Државниот завод за ревизија, со што истовремено му престанал и статусот на овластен државен ревизор“,
се вели во одлуката на ДКСК од 1.11.2019 година.
Така што за Максим Ацевски, ДКСК била во можност да донесе само укажување, а не и одлука за судир на интереси.
Кого сè обучувало Здружението на финансиски работници – Велес
Порталот „Отворени финансии“ на Владата ги бележи сите трансакции од државниот буџет од 2010 година до денес. Проверката на сите плаќања од државни институции до Здружението на финансиски работници – Велес открива дека во тој временски период се извршени вкупно 1.060 трансакции. Вкупната вредност на тие трансакции е 9.764.561 денари или околу 160.000 евра. Со јазикот на Антикорупционерите – додека Ацевски како државен ревизор ги контролирал државните и локалните институции, здружението во кое тој има приватен интерес извршило услуги кон државни и локални институции во вредност од 160.000 евра.
Меѓу клиентите на Здружението на финансиски работници од Велес се многубројни институции, меѓу другите, и Јавното обвинителство на РСМ, па и самата Антикорупциска комисија. Можеби најапсурдно е тоа што во два наврати пари кон Здружението во кое имал интерес државниот ревизор Ацевски исплатил и самиот Државен завод за ревизија.