Во својата прва изјава откако беше обелоденето дека тој ќе ја преземе одговорноста да ги утврди заедничките програмски цели и кадровска структура на идната бугарска влада, Кирил Петков, зборуваше и за односите со Северна Македонија, најавувајќи сосема нов пристап во кој доминантна ќе биде економијата, а не политиката
Треба веднаш да направиме заеднички работни групи, но тие нема да бидат составени само од историчари, туку и од луѓе од бизнисот, од културата, од образованието, за да не зборуваме само за историја туку за се што може да придонесе за добробитта и за зајакнување на добрососедските односи, вели потенцијалниот бугарски премиер
„Продолжуваме со промените“, „Демократска Бугарија“, Бугарската социјалистичка партија и ,,Има таков народ” на Слави Трифонов, најверојатно, ќе ја сочинуваат новата бугарска влада. Првенците на сите овие партии изразија подготвеност уште веднаш да почнат преговори за што поскоро да се формира политичка влада, која ќе го замени техничкиот кабинет на Стефан Јанев, предложен од шефот на државата Румен Радев. Еден од двајцата челници на победничката коалиција „Продолжуваме со промените“, Кирил Петков, е најсериозниот кандидат за иден премиер. Тој доби поддршка од сопартијците да ја отпочне комуникацијата со потенцијалните партнери во владата.

Во својата прва изјава откако беше обелоденето дека ќе ја преземе одговорноста да ги утврди заедничките програмски цели и кадровска структура на идната бугарска влада, Кирил Петков зборуваше и за односите со Северна Македонија, најавувајќи сосема нов пристап во кој доминантна ќе биде економијата, а не политиката.
„Имаме категоричен став што треба да се направи. Треба веднаш да направиме заеднички работни групи, но тие нема да бидат составени само од историчари, туку и со луѓе од бизнисот, од културата, од образованието, за да не зборуваме само за историја туку за се што може да придонесе за добробитта и за зајакнување на добрососедските односи. Крајно време е да сфатиме дека не е нормално да летам преку Виена за да стасам во Скопје, дека не е нормално да немаме железничка линија која ќе не поврзува, дека не е нормално бугарските бизнисмени да продаваат во Австралија, а не во Македонија. Истото се однесува и за нашите македонски колеги. Треба да почнеме да зборуваме за сите работи од кои може да имаме полза како добри соседи. Треба да ги направиме тие работни групи, тие да имаат јасни цели и да се среќаваат најмалку еднаш месечно. Ние треба да си ги заштитиме нашите национални интереси, тие треба да си ги заштитат нивните, но со заеднички услов, и двете страни да имаме полза од тоа“,
рече Петков.
Прашан дали Бугарија ќе го симне ветото на 14 декември, Петков не сакаше да даде конкретен одговор но укажа дека треба да се направи „работен процес“ и дека без него не може да се зборува за конечниот резултат. Тоа според Петков, ќе биде најголемиот и прв приоритет на бугарската дипломатија.
„Тоа треба да започне максимално брзо, не треба да се губи време, но не можеме да кажеме тој датум или оној датум, без да видиме како се одвива тој процес, каков успех има. Но, сакаме да започнеме со добрососедство и со добронамерност и се надеваме дека со еден многу конструктивен начин на водење на тие преговори ќе постигнеме многу подобри резултати од тие што имавме можност да ги видиме до сега“,
изјави Петков за БНТ.
Кирил Петков од 12 мај до 16 септември оваа година беше министер за економија во службената влада на Стефан Јанев. По напуштањето на владата со својот колега Асен Василев кој беше министер за финансии ја формира политичката коалиција „Промените продолжуваат“. Според резулатите од вчерашните избори, тие ќе имаат најмногу мандати во новиот бугарски парламант.