Трите лица настрадале, а повеќемина други се ранети, откако во нападите бил погоден деловен објект во градот Луцк, административен центар на регионот Волин кој на запад се граничи со Полска, земја членка на НАТО
Најмалку три лица загинале, а повеќемина други се ранети во масовните руски воздушни напади врз западниот регион Лавов и северозападниот регион Волин, јавува Ројтерс, повикувајќи се на официјални претставници на украинските власти.

„Три лица загинаа, а неколку се хоспитализирани во Луцк, откако беше погоден деловен објект“,
соопштил преку апликацијата за пораки Телеграм, гувернерот на регионот Волин, Јуриј Похулјаико.
Инаку, како што се наведува, Луцк е административен центар на украинскиот регион Волин кој на запад се граничи со Полска, земја членка на НАТО.
Воздухопловството на вооружените сили на Украина утрово соопшти дека во текот на изминатата ноќ руската армија извршила масовни ракетни напади во повеќе места во земјата. Во западниот дел на земјата, во Лавов, делови од ракети паднале врз станбени згради, при што биле повредени неколку лица, при еден од нападите се урнал и таван во хипермаркет и биле оштетени возила кои биле паркирани пред влезот.
Според прелиминарните информации, нема жртви во рускиот воздушен напад врз Лавов, но повеќе од 100 станбени куќи се оштетени, 500 прозорци се скршени, а уништено е и игралиште во градинка.
Во Днепар, како што беше соопштено претходно, избувнал пожар во компанија како последица на ракетен напад, а има и повредени, изјави шефот на регионалната администрација Сергиј Лисак. Опасност од ракетни напади беше прогласена и во јужниот и во централните делови на Украина.