Загинати се најмалку две лица – дете и возрасен – но не се исклучува бројот на загинати да расте со оглед на тешките повреди со кои се здобиле некои од повредените
Германскиот премиер на покраината Саксонија-Анхалт, Рајнер Хаселоф, потврди дека во несреќата во Магдебург, каде што автомобил влета на божиќен базар, загинаа најмалку две лица. Загинатите се дете и возрасен.
Ова е прва официјална потврда за бројот на загинати во несреќата, иако дел од локалните медиуми објавија двоцифрен број на загинати. Хаселоф не ја исклучува можноста за пораст на бројот на починати поради тешките повреди со кои се здобиле некои од повредените. Додаде дека се повредени најмалку 60 лица.
Градските власти соопштија дека најмалку 15 од повредените се во тешка состојба.
Во врска со осомничениот напаѓач, премиерот на покраината Саксонија-Анхалт рече дека се работи за 50-годишен маж со потекло од Саудиска Арабија. Во Германија пристигнал во 2006 година и работел како лекар. Тој во моментов е уапсен, а полицијата соопшти дека засега не бара ниту еден друг осомничен.
Според Рајнер Хаселоф, осомничениот кој влета со автомобил во толпата на божиќниот пазар дејствувал сам.
„Во моментов сме во процес на собирање на сите натамошни податоци, а воедно и на испрашување. Според досегашните информации, станува збор за индивидуален сторител, така што веќе нема никаква опасност за градот бидејќи успеавме да го уапсиме“,
рече германскиот премиер на покраината Саксонија-Анхалт, Рајнер Хаселоф.
Иако властите велат дека се чини оти се работи за напад, сè уште не се познати мотивите и околностите за инцидентот.