Земјотресот е регистриран во близина на градот Чианџур, на околу 100 километри јужно од Џакарта, а бил почувствуван и во главниот град, каде што луѓето во паника излегувале од зградите
Најмалку 20 лица загинале во земјотресот со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала што денеска ја погоди Индонезија. Епицентарот на потресот бил во областа јужно од главниот град на земјата, Џакарта, јавуваат агенциите.
Херман Сухерман, владин функционер од Чианџур, град во Западна Јава каде што се наоѓал епицентарот на земјотресот, за информативниот канал „Метро ТВ“ изјавил дека најмалку 20 лица загинале, а уште 300 се повредени, пренесува Ројтерс.
Тој додал дека бројот на загинати и повредени е можно да се зголеми. Како што може да се види од видеоснимките по земјотресот објавени на Твитер, причинета е и значителна материјална штета.
#BREAKING#Indonesia 🇮🇩 Widespread damage and chaos in #Cianjur from 5.6 Mw (updated) #earthquake in West Java. pic.twitter.com/SLD5fIpkps
— Top Disaster (@Top_Disaster) November 21, 2022
Според американскиот геолошки институт, јачината на земјотресот изнесувала 5,4 степени според Рихтеровата скала, додека Геофизичката агенција на Индонезија претходно објави дека потресот бил со интензитет од 5,6 степени.
Земјотресот е регистриран во близина на градот Чианџур, на околу 100 километри јужно од Џакарта, а бил почувствуван и во главниот град, каде што луѓето во паника излегувале од зградите.
Засега нема извештаи за повредени или материјална штета во главниот град ниту, пак, е огласен аларм за опасност од цунами.
Индонезија се наоѓа на т.н. „огнениот појас“ на Пацификот, поради што земјата често е погодена од земјотреси.
Синоќа земјотрес со јачина од шест степени според Рихтеровата скала го погоди грчкиот остров Крит, објави Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ) на Твитер. На жителите им е издадено предупредување за цунами. Засега нема информации за причинета штета.
Според ЕМСЦ, земјотресот се случил во 1:25 часот, а епицентарот бил во морето на околу 60 километри североисточно од градот Ситеја на Крит, кој се наоѓа на североисточната страна на островот.
Беше издадено предупредување за цунами и на жителите им беше наредено да се оддалечат од брегот на повисоките места.