Несреќата се случила на околу 40 километри северно од Копенхаген, на железничката линија што ги поврзува градовите Хилерод и Кагеруп

Најмалку 17 лица се повредени во судир на два воза во Данска, пишува „Гардијан“. Според службите за итни случаи, четворица од повредените се во критична состојба.
Несреќата се случила на околу 40 километри северно од Копенхаген, на железничката линија што ги поврзува градовите Хилерод и Кагеруп, се наведува во полициското соопштение.
„Директно се судриле два регионални патнички воза“,
изјави портпарол на Противпожарната служба од регионот на Копенхаген.
Пријавата за несреќата била примена изутринава околу 6:30 часот.
„Има повредени меѓу патниците. Сите се надвор од возовите, па никој не е заробен. На терен се испратени повеќе екипи“,
додаде портпаролот.
Јавниот радиодифузен сервис ДР објави фотографии од несреќата на кои се гледа дека двата воза се со оштетени делови на предната страна, свртени еден кон друг во пошумена област.
Противпожарната служба на Икс информираше дека повредените се евакуирани со амбулантни возила и хеликоптери.
