Во последните 50 години, пак, според СЗО, екстремните температури предизвикаа смрт на 148 000 луѓе во Европа
Најмалку 15 000 смртни случаи во Европа се директно поврзани со големите топлотни бранови што го погодија континентот во летото 2022 година, покажува нецелосната проценка објавена од СЗО денеска по повод климатската конференција на Обединетите Нации (ОН) КОП27 во Египет.
Летото во 2022 година беше најжешкото на Стариот континент откако беа направени мерења, што предизвика бројни температурни рекорди и драматични пожари.
„Врз основа на веќе објавените национални податоци, се проценува дека 15 000 луѓе починале токму од горештините во 2022 година“,
вели Ханс Клуге, директор на европскиот огранок на СЗО.
Во тој број влегуваат 4 500 смртни случаи во Германија, речиси 4 000 во Шпанија, повеќе од 3 200 во Велика Британија и илјада во Португалија.
Очекувањата на СЗО се дека овие бројки ќе пораснат бидејќи повеќе земји пријавуваат нови смртни случаи поврзани со жештините.
Во последните 50 години, пак, според СЗО, екстремните температури предизвикаа смрт на 148 000 луѓе во Европа.
Повеќе од 10 проценти од тој број се однесуваат на 2022 година, со пријавени 15.000 смртни случаи, и без сомнение повеќе кога ќе се соберат податоците за целата година.