Напаѓачите со оклопни возила пристигнале во затворот околу 7 часот наутро по локално време и ја отвориле капијата
Најмалку 14 лица загинале во вооружен напад на затвор во Хуарез, град во северниот дел на Мексико.
Државниот обвинител на Мексико соопшти дека меѓу загинатите се десет чувари и четворица затвореници, додека 13 затвореници се повредени, пренесува „Ројтерс“. Најмалку 24, пак, избегале.
Засега нема информации кој го извел нападот, но како што пишува „Би-би-си“, има сомнежи дека напаѓачите се припадници на некои од нарко-картелите.
Според првичните информации, напаѓачите со оклопни возила пристигнале во затворот околу 7 часот наутро по локално време и ја отвориле капијата.
Паралелно во градот Хуарез регистрирани сè уште два инциденти. Едниот е напад на полицајци при што четири лица се приведени, а другиот е вооружена престрелка во која загинале две лица. Меѓутоа, засега од мексиканското обвинителство нема информации дали сите три настани се поврзани.
За расчистување на случаите, во помош на останатите истражни органи ангажирани се и војската и Националната гарда на Мексико.