Тимур Ткаченко, началник на воената администрација на Киев, ги предупреди цивилите да се засолнат додека не се укине ракетната тревога

Најмалку 12 лица се загинати, а десетици се повредени во руски воздушни напади врз украински градови во текот на ноќта.
Државната служба за вонредни состојби на Украина соопшти дека во нападите врз главниот град Киев убиени се најмалку четири лица, вклучувајќи и 12-годишно дете, а повеќе од 40 се повредени.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, вели дека спасувачките екипи спасиле мајка и дете од зграда во централниот округ каде што приземјето било тешко оштетено. Тој, исто така, рече дека проектил го погодил шестиот кат од станбена зграда во централниот округ Подил.
Според Кличко, голем пожар избувнал во зграда во северниот округ на главниот град, при што се повредени четворица работници за службата за итни случаи, додека остатоци од објектот паднале на неколку локации.
Нападите со ракети и беспилотни летала врз јужниот пристаништен град Одеса убија осум лица, напиша на Телеграм началникот на воената администрација на градот, Сергеј Лисак.
„За жал, осум лица загинаа. Шеснаесет се повредени и на нив им е дадена целата потребна медицинска помош“,
пишува Лисак.
Според него, во нападите оштетени се инфраструктурни објекти и неколку згради, а штета е регистрирана и во еден од парковите во Приморскиот округ. Лисак додава дека сите служби за итни случаи се на терен.
Едно лице е загинато и во рускиот напад врз југоисточниот град Днепар, соопшти регионалниот гувернер Олександр Ганжа. Тој рече дека 10 лица се повредени и објави фотографии од станбени згради во пламен.
Во Харков, вториот по големина град во Североисточна Украина, официјалните лица соопштија дека две лица се повредени во напади со беспилотни летала.
Тимур Ткаченко, началник на воената администрација на Киев, ги предупреди цивилите да се засолнат додека не се укине ракетната тревога.
Воздухопловните сили на Украина информираа дека собориле или неутрализирале 31 руска ракета и 636 дрона во нападите врз земјата во текот на изминатите 24 часа.
„Во овој период, непријателот започна два брана комбинирани напади врз украинска територија користејќи ракети од копно и од воздух, како и дронови за напад“,
се вели во соопштението на воздухопловните сили објавено на Телеграм.
Руските власти, пак, објавија дека голем украински напад со беспилотни летала врз руското црноморско пристаниште Туапсе убил две лица и предизвикал голем пожар.
Туапсе е едно од главните јужни пристаништа на Русија, кое служи како центар за извоз на нафтени производи, а исто така обработува и сув товар на големо, како што се јаглен и ѓубрива. Исто така, таму се наоѓа голема рафинерија за нафта со исто име, во сопственост на „Роснефт“ најголемиот производител на нафта во Русија.
