„Во 20-тите години од 21 век гледаме вести за луѓе кои горат во тенкови и бомбардирани куќи. Ги гледаме на телевизија заканите за започнување нуклеарна војна. Јас сум од СССР. Таму сум роден. Главната фраза на СССР од моето детство беше ‘борба за мир’. Ги повикувам сите да излезат на улица и да се борат за мир“, напишаа соработниците на Навални на неговиот твитер-профил
Најголемиот критичар на Кремљ и руски опозиционер, кој е во затвор, Алексеј Навални, на Твитер објави свое видување за војната во Украина и ситуацијата во Русија.
Навални во затворот нема пристап до интернет и се претпоставува дека му диктирал на својот адвокат или својата гласноговорничка Кира Јармиш.
„Не можеме да бидеме кукавици кои се преправаат дека не ја гледаат агресивната војна на лудиот император. Ние – Русија сакаме да бидеме нација на мирот. За жал, малкумина можат да нè наречат сега така. Но, во најмала рака можеби нема да станеме нација на исплашени, замолчени луѓе. Кукавици кои се преправаат дека не ја забележуваат агресивната војна што ја води лудиот цар против Украина“,
објавено е на твитер-профилот на Навални.
Тој додаде дека не може, не сака и оти нема да молчи и гледа како псевдоисториски настани од пред сто години се изговор Русите да убиваат Украинци, а тие бранејќи се, убиваат Руси.
„Во 20-тите години од 21 век гледаме вести за луѓе кои горат во тенкови и бомбардирани куќи. Ги гледаме на телевизија заканите за започнување нуклеарна војна. Јас сум од СССР. Таму сум роден. Главната фраза на СССР од моето детство беше ‘борба за мир’. Ги повикувам сите да излезат на улица и да се борат за мир“,
се додава во твитер-статусите на профилот на Алексеј Навални.
Движењето на Навални претходно ги повика Русите на граѓанска непослушност.
„Путин ѝ објави војна на Украина и се обидува да ги натера сите да мислат дека Украина е нападната од Русија, односно од сите нас. Но, тоа не е така. Мораме да покажеме дека не ја поддржуваме војната. Ги повикуваме Русите на граѓанска непослушност. Не молчете“,
напишаа соработниците на Навални на Твитер.